Besar Ademi
08 Декември 2017•Ажурирај: 09 Декември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Во организација на група турски студенти кои студираат во Македонија, пред џамијата „Мурат-паша“ во Старата чаршија во Скопје се одржа собир против одлуката на претседателот на САД, Доналд Трамп во врска со Ерусалим, јавува агенција Anadolu Agency (АА).
Групата студенти кои носеа транспаренти за поддршка на палестинскиот народ и против политиката на Израел и САД, исто така, беше поддржана од страна на граѓаните на Скопје.
Во пораката на собирот, која беше прочитана на албански, македонски и на турски јазик, беше истакнато дека „палестинските браќа и сестри секогаш ќе имаат поддршка за заштита на исламскиот град Кудс”.
Хасан Реџепи, студент на Факултетот за исламски науки – Скопје, кој ја прочита пораката на албански јазик, рече дека Ерусалим е важен не само за Палестинците, туку и за сите муслимани во светот.
„Ниедна странска земја не смее да донесе одлука за нашиот град, Кудс. Како умет, ние никогаш нема да молчиме за оваа неправда. Кудс е на муслиманите и ова е одлука на Семоќниот Алах. Има кој да го заштити Кудс. Додека сме живи, Кудс никогаш нема да падне. Кудс е прашање на вера, а не географија. Кудс е светлина на нашите очи и чест на муслиманите. О моја прва кибла, ако ти не си мирна, не сме ни ние”, рече Реџепи.
Потсетувајќи дека божјиот пратеник Мухамед долг период клањал намаз насочувајќи се кон Ал-Акса, Реџепи рече дека „ова место е под окупација и понижување за целиот Умет“.
Инаку, во средата, Трамп изјави дека дошло време Ерусалим да биде признаен како главен град на Израел, и најави преместување на американската амбасада во овој град, иако со резолуцијата 478 на Советот за безбедност на Обединетите нации во 1980 година прогласувањето на Ерусалим како главен град и анексијата на Источен Ерусалим беше прогласено за ништовно.