Vesna Besic
18 Ноември 2022•Ажурирај: 21 Ноември 2022
ВУКОВАР (АА) – Илјадници граѓани од Хрватска и странство и високи делегации денеска присуствуваа на положувањето венци и мисата за загинатите и исчезнатите бранители на Меморијалните гробишта на жртвите од Татковинската војна во Вуковар, јавува Агенција Анадолија (АА).
Мисата ја предводеше бискупот, монсињор Зденко Крижиќ.
Положувањето цвеќе и мисата се дел од одбележувањето на 31-годишнината од падот на Вуковар во 1991 година по опсадата од страна на силите на тогашната Југословенска народна армија и српските паравоени формации.
Денот на сеќавање на жртвите од Татковинската војна и жртвите од Вуковар во 1991 година и 31-годишнината од страдањата на тој град во Татковинската војна се одбележува под слоганот „Вуковар – место на посебен татковински пиетет“ со главни комеморативни програми од 18 до 20 ноември.
Програмата за одбележување на Денот на сеќавањето започна со собир на претставници на здруженијата на бранители и државниот врв во дворот на Вуковарската болница, по што тргна Колоната на сеќавање.
Достоинствената поворка, во која беа илјадници луѓе од цела Хрватска и странство, тргна од дворот на Вуковарската болница по патот по кој бегале бегалците во 1991 година.
Патот од 5,5 километри учесниците во колоната го минаа за околу два часа. Колоната на сеќавањето својот пат го заврши на Меморијалните гробишта на жртвите од Татковинската војна, каде што по положување венци и палењето свеќи за сите жртви од Татковинската војна, беше отслужена панихида предводена од бискупот Крижиќ.
Вечерва низ Дунав, во рамките на програмата „Светлосна река на сеќавањето“ ќе бидат пуштени запалени лампиони во спомен на загинатите и исчезнатите бранители на Вуковар.
Денот на сеќавање на жртвите од Татковинската војна и Денот на сеќавањето на жртвите од Вуковар и Шкабрња е државен празник кој се одбележува во Хрватска на 18 ноември во спомен на денот кога во 1991 година беше пробиена одбраната на градот Вуковар, извршен масакр во Шкабрња и кога бранителите учествуваа во одбрана на Саборско, Слуњ, Цетинград и Раковица.
Опсадата и битката за Вуковар траеше три месеци, од 24 август до 18 ноември 1991 година. Градот, кој до падот во рацете на ЈНА беше претворен во урнатини, го бранеа скоро 1.800 припадници на хрватските сили. Линијата на одбраната беше долга десет километри.
Во битките загинаа меѓу 2.900 и 3.600 луѓе. Според податоците на Вуковарската болница, загинале 1.624 цивили и припадници на хрватската војска, а ранети се 1.219 лица. Повеќе од 22.000 предвоени жители останаа без покрив над главата и се протерани.
Вуковар седум години по неговиот пад е мирно реинтегриран. Во градот пред војната живееле над 44.000 жители. Меѓутоа, според пописот на населението од 2021 година, во Вуковар живееле 23.175 луѓе.
Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија во Хаг го осуди Миле Мркшиќ, еден од командантите на единиците на ЈНА, на 20 години затвор за убиства и измачувања, а Веселин Шљиванчанин на десет години затвор за измачувања, но е ослободен од обвиненијата за геноцид и истребување на несрпското население, додека Мирослав Радиќ е ослободен од обвиненијата.
Обвинет и уапсен е и Славко Докмановиќ, воениот претседател на СО Вуковар, но пред изрекувањето на пресудата во 1998 година тој се самоуби. Злосторствата во Вуковар беа дел и од обвинението против поранешниот претседател на Србија, Слободан Милошевиќ, кој не ја дочека пресудата бидејќи почина во притвор во Хашкиот трибунал во 2006 година.
Воислав Шешељ, водачот на „Белите орли“, беше ослободен пред Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија од обвиненијата за злосторства против човештвото и кршење на законите и обичаите на војување, меѓу останатото, и во судирите во Вуковар.