Bekim Laci
14 Јуни 2018•Ажурирај: 15 Јуни 2018
СКОПЈЕ (АА) - Голем број деца, придружени од страна на нивните родители, денес дојдоа пред Мустафа-пашината џамија во Скопје, за прошетка со традиционалниот воз, ден пред Рамазан Бајрам, во рамките на традиционалната манифестација „Бајрамска кандила“, која секоја година се организира од страна на Здружението за култура „Визиони М“, јавува Anadolu Agency (AA).
Ова здружение, оваа година отвори и изложба на фотографии кои за мотив ја имаат атмосферата за време на месецот на постот, Рамазан.
Бајрамскиот воз, преполн со деца, од Мустафа-пашината џамија продолжи по улиците на општина Чаир, а неговата маршрута заврши пред Мурат-пашината џамија која се наоѓа во Старата скопска чаршија, каде што за децата беше организиран настан, а беа доделени и наградите за најдобра рамазанска фотографија, која беше организирана од страна на НВО „Парими“.
Суад Бериша, член на „Визиони М“, истакна дека целиот настан на ова здружение на културата завршува со доделување на пакетите со прехранбени производи, така што и сиромашните ќе можат да уживаат во одбележувањето на празникот Бајрам.
„Оваа година нашите донатори обезбедија 500 пакети кои ќе ги доделиме со задоволство“, рече Бериша.
Зинур Емини од Здружението за едукација „Парими“, разговараше околу натпреварот за најдобра фотографија во рамките на кампањата „Рамазански фотомозаик“, при што секој граѓанин имал можност да испрати по една фотографија на официјалниот профил на оваа организација.
„Избрани се десет најдобри фотографии, од кои две се победници на овој натпревар. Едната е избрана од страна на жирито, додека другата врз основа на допаѓањата на Фејсбук“, додаде Емини.
Инаку, манифестацијата „Бајрамска кандила“, која веќе стана традиционална, оваа година се организира по 12-ти пат.