İhvan Radoykov
14 Јуни 2018•Ажурирај: 15 Јуни 2018
СОФИЈА (АА) – Претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов, кој се наоѓа во дводневна официјална посета на Бугарија, оствари средба со претседателот на Бугарија, Румен Радев, јавува Аnadolu Agency (AA).
По средбата Иванов и Радев одржаа заедничка прес-конференција. Претседателот на Македонија, Иванов, нагласи дека верува оти во врска со Договорот за името со Грција ќе доминира пристапот со здрав разум.
„Кога го добив документот, немав што да разговарам на таа средба и затоа средбата траеше кратко. Не сум бил вклучен во донесувањето на тој документ и зошто да бидам јас тој кој ќе го легализира документот. Како го создале и го донеле без мое учество, така и нека си го завршат без мое учество“, рече Иванов, во врска со неговата средба со премиерот Зоран Заев и со министерот за надворешни работи, Никола Димитров.
Претседателот Иванов се заблагодари на Бугарија што како претседавач со Советот на ЕУ, го врати регионот на агендата на Европската Унија.
„Претседавањето на Бугарија со Европската унија е исто така позитивен сигнал за идните претседавачи со Европската унија како треба да се посветуваат на нашиот регион", рече претседателот Иванов.
„Нашиот услов за поддршка околу името на Македонија е оваа земја (Македонија) да ги исполнува условите на Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија“, рече Радев.
Тој го повика Иванов во овој дијалог да не учествува само како учесник, туку и како предводник. Радев нагласи дека овој процес е тежок и комплициран.
„Досега ниту една бугарска влада немала тврдења околу името на Македонија. Бугарија во 1992 година беше првата земја која ја призна Македонија. Спорот со името не се наоѓа во нашиот договор за пријателство и добрососедство“, рече Радев.
Бугарскиот премиер Бојко Борисов и министерката за надворешни работи, Екатерина Захариева, ги откажаа нивните протоколарни средби со Иванов кои беа планирани да се остварат утре, бидејќи не сакале да се мешаат во спорот меѓу Македонија и Грција.