Admir Fazlagic
08 Март 2020•Ажурирај: 09 Март 2020
СКОПЈЕ (АА) - Меѓународниот ден на жената - 8 Март, во Скопје се одбележа со марш на кој учесничките порачаа дека продолжува историската борба на жените за нивната економска, политичка и социјална рамноправност во општеството, јавува Агенција Анадолија (АА).
Маршот под слоганот „Ти не си виновна!“ се одржа во организација на Хелсиншкиот комитет за заштита на човековите права, како и на уште десетина невладини организации, на кој присуствуваа бројни активистки за борбата за правата на жените, меѓу кои беше и вицепремиерката и министерка за одбрана на Северна Македонија, Радмила Шекеринска.
Учесничките на маршот се собраа на плоштадот „Филип Втори“ во центарот на градот, од каде што продолжија преку Камениот мост, Плоштадот „Македонија“ до Паркот „Жена борец“.
Мери Цветковска, од Здружението „ХEРА“- Асоцијација за здравствена едукација и истражување, во изјавата за медиумите истакна дека овој важен меѓународен ден за женските права и нивната благосостојба ја одбележува историската и сè уште актуелна борба на жените за економска, политичка и социјална рамноправност во општеството.
„Ова е само еден ден од годината кога некако успеваме да го привлечеме вниманието како на оние кои секојдневно ги негуваат овие вредности, така и на оние на кои овој датум им е само една флоскула, формалност или пак не им значи ништо“, рече Цветкоска.
Калија Димитрова од Хелсиншкиот комитет за човекови права рече дека активистите излегуваат на улиците да ја прослават борбата за правата на жените и да потсетат дека патот за родовата еднаквост не е завршен.
„Сакаме, бараме и заслужуваме повеќе. Оваа година марширавме под слоганот „Ти не си виновна“, поттикнати од еден од најодвратните случаи на родово базирано насилство во оваа земја, односно телеграм-групата „Јавна соба“, каде што стотици девојки и жени беа изложени на родово базирано насилство, а тоа не беше адресирано како такво во јавноста“, рече Димитрова, која додаде дека ваквите случаи институциите мораат да ги решат.
„Оваа влада и секоја наредна влада без разлика на идеолошката определба има должност и обврска да се бори за родовата еднаквост во оваа земја. Јас не познавам ни една жена којашто не била жртва на некаков вид на родово базирано насилство или возменирување. Тоа е нашата реалност. Обвинувањата на жртвите мора да заврши“, порача таа.