Kemal Zorlak
05 Јануари 2020•Ажурирај: 06 Јануари 2020
ЗАГРЕБ (АА) - Со отворањето на гласачките места во градовите низ Хрватска утрово започна вториот круг претседателски избори во земјата, јавува Агенција Анадолија (AA).
Во трката за шеф на државата се борат актуелната претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ, како кандидат на Хрватската демократска заедница (HDZ) и поранешниот премиер Зоран Милановиќ од Социјалдемократската партија (SDP), кандидати кои добија најмногу гласови во првиот круг избори одржани на 22 декември минатата година.
Од Министерството за администрација претходно е потврдено дека на списокот за вториот круг гласање на претседателските избори се наоѓаат вкупно 3.860.095 регистрирани гласачи, од кои 3.681.175 гласачи со живеалиште во Хрватска и 178.920 гласачи без живеалиште во земјата, односно во странство.
Гласачите во Хрватска до 19:00 часот ќе можат да гласаат на 6.409 избирачки места, додека хрватските државјани во странство, поточно во 47 држави, ќе гласаат на вкупно 124 избирачки места, а на третина од нив (44) во Босна и Херцеговина.
Првите гласачки места за вториот круг од изборите се отворени во Канбера, Сиднеј и Мелбурн, синоќа во 21:00 часот по средноевропско време. Последното ќе се отвори во Лос Анџелес.
Според податоците на Државната изборна комисија на Хрватска, објавени на 30 декември, Зоран Милановиќ во првиот круг доби 29,55 отсто од гласовите (562.783 гласа), а неговата противкандидатка Колинда Грабар-Китаровиќ, 26,65 отсто (507.628 гласа). По нив следуваше независниот кандидат Мирослав Шкоро, кој освои 24,45 отсто (465.628 гласа). Она што е секако јасно и очекувано е дека победникот од вториот круг во голема мерка ќе зависи од тоа кому ќе му го дадат својот глас гласачите на Мирослав Шкоро на овие избори.
Излезноста во првиот круг од изборите изнесуваше 51,18 отсто. Од 3.719.741 гласач на гласање излегоа 1.904.461. Неважечки гласачки ливчиња имаше 22.221 или 1,17 отсто.
„Вториот круг претседателски избори ги следат рекордни 24.333 набљудувачи. За набљудување на работата на изборните комисии и избирачките одбори во Хрватска пријавени се 24.112, а во странство 215 набљудувачи“, објави Државната изборна комисија. Пред пет години, изборите за претседател ги следеа околу 22.000 набљудувачи.
Да потсетиме дека ова се седми претседателски избори од 1990 година, кога се одржаа првите демократски избори во земјата. Претседателот се избира на мандат од пет години. Според Уставот на Република Хрватска, за претседател никој не може да биде избран повеќе од двапати.