Lejla Biogradlija
18 Септември 2021•Ажурирај: 19 Септември 2021
БЕЛГРАД (АА) - Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека на средбата со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска во Истанбул разговарале за теми важни за целиот регион, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган и Вучиќ се сретнаа во истанбулската палата „Вахдетин“, а по посетата на Турција, српскиот претседател за агенцијата „Танјуг“ изјави дека Турција е пријател на Србија и дека е уверен дека односите меѓу двете земји може да бидат уште подобри.
„Можеме да вложиме уште повеќе труд за да ги направиме тие односи уште подобри и да изградиме дополнителна доверба. Тоа за нас е една од големите и важни работи, услов без кој не можеме да ја сочуваме стабилноста во регионот“, нагласи Вучиќ.
Вучиќ понатаму откри дека турскиот претседател го поддржува дијалогот меѓу Белград и Приштина и дека смета дека е важно да се дојде до компромисно решение.
Истакнувајќи дека пријателските односи со Турција се своевиден гарант за одржување на безбедноста и стабилноста на Западен Балкан, Вучиќ најави дека Ердоган до крајот на годината ќе ја посети Србија.
„Разговаравме и за економијата и турските инвестиции во Србија. Разговаравме за регионални и билатерални теми. Турција е голема сила во регионот“, рече Вучиќ.
Потсетувајќи дека целта е да се зголеми надворешнотрговската размена меѓу Србија и Турција од 1,3 милијарди на две милијарди долари, Вучиќ рече дека со Ердоган разговарал и за начините за што е можно полесно поминување на границите на двете земји и со што е можно помалку документи.
„Моите разговори со Ердоган се секогаш корисни. И денес од состанокот излегувам многу задоволен“, заклучи Вучиќ.