Andelija Stojkovic
15 Февруари 2022•Ажурирај: 16 Февруари 2022
БЕЛГРАД (АА) - Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска по повод Денот на државноста изјави дека Србија е слободна и независна земја која сака добар живот со своите соседи, јавува Агенција Анадолија (АА).
Тој рече дека Србија денес е независна земја, земја во која се работи, земја на мирот, но и земја на достоинството.
Вучиќ истакна дека на 15 февруари се одбележани два значајни настани, почетокот на Првото српско востание во 1804 година, кое, како што рече, е „првото слободарско востание на Балканот“ и донесувањето на Сретењскиот устав во 1835 година.
Тој нагласи дека иднината на српската политика е самостојно да носи одлуки, водејќи се од интересите на Србија и регионот, а не од интересите на некои други.
Српскиот претседател истакна дека Србија негува најблиски односи со Република Српска без да го допира интегритетот на Босна и Херцеговина.
Вучиќ им врачи одликувања на заслужните граѓани и институции, а на листата има повеќе од 80 добитници, меѓу кои и извршниот директор на „Теклас Аутомотив“, Неби Анил, кој беше награден со златен медал за исклучителни заслуги и постигнати резултати во областа на претприемништвото.
Претседателката на Република Српска, Жељка Цвијановиќ, беше одликувана со орден на Република Србија за исклучителни заслуги во развојот и зајакнувањето на мирната соработка и пријателските односи меѓу Република Српска и Србија.
Цвијановиќ истакна дека Србија и Република Српска никогаш не граделе односи на штета на некој друг и ѝ посака на Србија стабилен развој и успешна иднина.
Во име на сите добитници на одликувањето, пред присутните се обрати менаџерката на галеријата „Матица Српска“, Тијана Палковљевиќ Бугарски, која рече дека одликувањата се израз на поддршка за работата на добитниците и дека претставуваат чест за нив.
Меѓу добитниците на одликувањето е и актерот Џони Деп, на кого му беше доделен златен медал за заслуги и кој рече дека се гордее со одликувањето што го добил, а истакна дека во Србија запознал „топли души“.
Како што рече, во Србија има страст за сè, а ги спомена и ќебапите и ракијата од сливи.
„Од дното на душата, понизно го прифаќам ова големо одликување“, рече Деп.
Пратеникот на Црна Гора, основач и претседател на Народната партија и еден од лидерите на Демократскиот фронт на Црна Гора, Милан Кнежевиќ, е одликуван со орден „Српско знаме од прв степен“ за особени заслуги во развојот и зајакнувањето на соработката и пријателските односи меѓу Србија и Црна Гора.
Меѓу наградените се и институциите што слават јубилеи како манастирот „Прохор Пчињски“, кој одбележува 950 години постоење, Српската читална во Ириг, која одбележува 180 години постоење, галеријата „Матица Српска“, која одбележува 175 години работа, Српскиот народен театар во Нови Сад и Народниот театар во Ужице, кои одбележуваат 160 години работа, Народниот театар од Ниш, кој одбележува 135 години постоење, Српското лекарско друштво, кое ја одбележува својата 150-годишнина.
Одликувања им беа доделени и на голем број лекари и клиники во Србија, како и на бројни културни работници, а одликувања постхумно добија големиот европски кошаркар Душан Дуда Ивковиќ, најеминентниот српски сликар Владимир Величковиќ, актерите Борис Комнениќ, Ненад Ненадовиќ и Дара Ѓокиќ, како и пејачите Маринко Роквиќ и Мерима Његомир.
Свеченоста беше отворена со изведбата на српската химна „Боже на правдата“, а заврши со песните „Играле се делије“ и „Србинка“.