Vesna Besiç
25 Мај 2019•Ажурирај: 25 Мај 2019
ТУЗЛА (AA) - Со молитва, едноминутен молк и со положување цвеќе на Слана бања во Тузла и со собир на Капија започна комеморативното одбележување на 24. годишнина од масакрот на Капија и убиството на 71 момче и девојка, јавува Anadolu Agency (AA).
Семејствата на убиените, пријателите и соседите се собраа утрово на Алејата на младоста на Слана бања за да ја одбележат 24. годишнина од масакарот на тузланска Капија во која со граната испалена од позициите на Војската на Република Српска, од планината Озрен, згасна 71 живот, додека повеќе од 200 цивили се ранети.
Пред 24 години, на 25 мај 1995 година, припадниците на таканаречената Војска на Република Српска, под команда на воените злосторници Радован Караџиќ, Ратко Младиќ и Новаќ Ѓукиќ, со граната испалена од Озрен кон центарот на Тузла, на Капија, во 20:55 часот убија 71 лице.
Тузла денеска се присетува на својата младост која е прекината на денешен ден во 1995 година.
Во утринските часови положени се венци и цвеќе на цивилните жртви на Слана Бања, а потоа во 11:00 часот се одржа комеморација и полагање венец и цвеќе на цивилните жртви на Капија. Во 20:55 часот, во времето на нападот, ќе се огласат сирени.
Овој датум во поранешната држава е славен како Ден на младоста. Поради тоа центарот на градот беше полн со млади луѓе, кои сакаа да го искористат првиот сончев ден по низа дождливи денови.
Радоста и младоста се прекинати со пад на граната во 20:55 часот, а ги заменија неизбришлива тага и смрт. Оние кои го преживеаја масакарот, на свој начин се борат со страшни последици, како физички, така и психички.
Владата на Тузланскиот кантон во 2016 година донесе Одлука за прогласување на 25 мај, како Ден на страдање на тузланската младост на Капија, Ден на жалост за подрачјето на Тузланскиот кантон.
На овој ден сите институции и органи на подрачјето на Тузланскиот кантон ги симнуваат знамињата на половина копје, а сите медиумски куќи и организатори на културно-уметничките и спортските манифестации се обврзани своите програмски содржини да ги приспособат на Денот на жалоста.