Furkan Naci Top
25 Април 2018•Ажурирај: 25 Април 2018
АТИНА (АА) - Портпаролот на грчката влада, Димитрис Ѕанакопулос, во врска со преговорите кои се во тек, околу проблемот за името на Република Македонија, го соопшти следното, „Ние ја изминавме половината од патот по мостот. Сега е потребно спротивната страна да го измине преостанатиот дел“, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот Ѕанакопулос, за време на неделниот брифинг, зборуваше за преговорите околу 25-годишниот проблем околу името кој постои меѓу Грција и Македонија, истакнувајќи дека грчката страна отворено ги поставила условите, според кои, Македонија „ќе има соодветно име кое ќе го употребува и во земјата и надвор од неа“, истакнувајќи ја потребата од „измени во уставните одредби во кои се истакнуваат амбиции кон територии од минатото.“
Портпаролот Ѕанакопулос соопшти дека министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас, денеска во Виена се состана со министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Димитров и со специјалниот претставник на ОН, Метју Нимиц, соопштувајќи: „Ние изминавме половина пат од мостот. Сега е потребно спротивната страна да го измине преостанатиот дел.“
Реакција на Грција кон ЕУ
Јоханес Хан, еврокомесар за проширување на ЕУ, вчера изјави дека е оптимистички да се очекува во наредните две недели изнаоѓање решение за проблемот за името.
Министерството за надворешни работи на Република Грција, вчера оваа изјава на Хан ја оцени како „несреќна“ и „лажна слика“, обвинувајќи го Хан дека сака да ги „поткопа“ преговорите.
Иако преговорите се во тек и преземени се чекори за решавање на проблемот, сепак, по некои основни точки, сѐ уште не е постигнат напредок.
Потсетуваме, министрите за надворешни работи на Република Македонија и Република Грција се состанаа на 12 април во Охрид, а по средбата истакнаа дека има напредок, но дека остануваат најтешките теми од преговорите.