Husamedın Gına
05 Февруари 2020•Ажурирај: 06 Февруари 2020
СКОПЈЕ (АА) - Висока воена делегација на Војската на Република Србија предводена од началникот на Генералштабот, генерал Милан Мојсиловиќ, во рамки на официјалната посета на Република Северна Македонија, престојуваше во Генералштабот на Армијата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Генералот Мојсиловиќ, по приемот со високи воени почести оствари средба со неговиот домаќин, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, по што следуваа официјални разговори со военото раководство во Генералштабот.
Според писменото соопштение од Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија, генералот Ѓурчиновски, во своето излагање на средбата со неговиот српски колега истакна дека и понатаму ќе продолжат со изнаоѓање форми и облици за подобрување на билатералната соработка како императив за подобрување на севкупното безбедносно опкружување во регионот.
Од друга страна, генералот Мојсиловиќ ја искажал поддршката за стратегиската определба на Северна Македонија за полноправното интегрирање во НАТО, со кое ќе се подобри и регионалната безбедносна состојба.
Воедно, покрај другото, како што се нагласува во соопштението, генералот Мојсиловиќ ја искажал спремноста за споделување искуства кои ги има Војската на Србија од учеството во мировните мисии под водство на Обединтетите нации (ОН) и Европската Унија (ЕУ).
Според соопштението, Армијата на Северна Македонија со Војската на Република Србија учествувале во заедничките регионални проекти како што се: Иницијативите Б-9 (конференција на НГШ на балканските земји), А-5 (САД - Јадранската повелба), СЕЕДМ (соработка од областа на одбраната на земјите од Југоисточна Европа) и иницијативата Балкански медицински наменски сили.
Во текот на денешниот ден делегацијата од Војската на Република Србија ќе го посети и ќе се запознае со можностите на Центарот за обука на пилоти.