Saimir Alija
05 Февруари 2020•Ажурирај: 06 Февруари 2020
ТИРАНА (АА) - Вкупнатата штета од земјотресот кој на 26 ноември ја погоди Албанија, е околу 1 милијарда евра, беше потврдено денеска на конференцијата одржана во Тирана во врска со извештајот за проценка на потребите по земјотресот, јавува Агенција Анадолија (АА).
На оваа конференција учествуваа министерот за земјоделство и рурален развој на Албанија, Бледи Чучи, кој воедно е и на чело на Меѓуминистерскиот комитет за цивилни вонредни состојби, амбасадорот на Европската Унија (ЕУ) во Албанија, Луиџи Сорека, како и постојаниот координатор на Обединетите нации (ОН) во Албанија, Брајан Џ. Вилијамс.
Министерот Чучи во своето обраќање истакна дека по земјотресот кој се случи на 26 ноември во 2019 година, Владата на Албанија веднаш презела мерки со операциите за пребарување и спасување, и за засолнување на семејствата кои останале без покрив над глава.
Тој рече дека извештајот е подготвен според стандардите на организациите на ЕУ, Светската банка и агенциите на ОН, и со иста методологија која е користена и во случаите на природните катастрофи во светот.
Според проценката на експертите, штетата предизвикана од земјторесот изнесува околу 1 милијарда евра.
„Според проценките, вкупната штета од земјотресот изнесува 985 милиони 74 илјади и 906 евра. Голем придонес и извонредна солидарност дојде од нашите пријатели и меѓународни партнери, без кои немаше да биде лесно да се соочиме со состојбата предизвикана во Драч, Леж и Тирана“, нагласи Чучи.
Тој истакна дека во подготовката на извештајот биле ангажирани околу 90 лица, меѓу кои 60 странски и домашни експерти, како и функционери од албанските институции, кои успеале во рекордно време, како никогаш претходно, да го завршат извештајот за проценка на 30 јануари 2020.
Амбасадорот на ЕУ, Сорека, нагласи дека сите треба да се чувствуваат горди за работата и напорите, извршени под водство на албанските власти, за подготвување на овој извештај.
„Од 26 ноември поминавме низ некои фази. Првата фаза беше пристигнувањето на тимовите на Цивилната одбрана на ЕУ во Албанија, кои им помогнаа многу на албанските власти за координирање на напорите за пребарување и спасување. Потоа, дојдоа градежните инженери за испитување на оштетените згради. Дваесет и една земја дадоа поддршка за Албанија, која беше третирана како земја членка [на ЕУ], со иста поддршка, без никаква разлика. Тоа, нас, како претставници на ЕУ нѐ прави да се чувствуваме горди за оваа голема солидарност“, додаде тој.
Потсетуваме, по земјотресот, тимовите на различни институции на Турција пристигнаа во Албанија за да нудат помош во операциите за пребарување и спасување.
Како резултат на земјотресот со јачина од 6,3 степени, загинаа 51 лице.