Admir Fazlagic
22 Август 2017•Ажурирај: 23 Август 2017
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Република Македонија денеска одржа прес конференција по повод актуелните случувања во однос на одлуката на Република Србија за повлекување на вработените од нивната амбасада во Република Македонија при што истакна дека „суштината во пристапот кон регионалната соработка на новата влада на Република Македонија се темели на решавање на проблемите кои постојат во регионот наспроти создавање на проблеми", јавува Anadolu Agency (AA).
„Владата на Република Македонија ниту имала намера, ниту дала наредба или инструкција ниту извршила разузнавачки дејства против и на штета на некоја од нашите соседни земји, вклучувајќи ја тука и Србија. Ниту пак некогаш ќе размислуваме во оваа насока. Институциите на државата работат согласно законот за за заштита на уставниот поредок и на граѓаните на Република Македонија", истакна Димитров.
Шефот на македонската дипломатија истакна дека Владата води политика на отворени врати и на решенија на нов конструктивен и отворен пристап кон соседите, додавајќи дека тоа се решенија кои водат кон унапредување на добрососедството, соработката и партнерството со другите земји од опкружувањето.
„Убедени сме дека тоа е единствениот начин регонот да зачекори напред кон перспективите кои и го носат европските и за оние земји и народи кои тоа го сакаат, евроатланските интеграции. Успехот на нашите соседи е наш успех. Нашиот успех е успех на нашите соседи", додаде Димитров.
Тој информираше дека како министер за надворешни работи на Република Македонија, ште доцна попладнето во недела, кога ја добил нотата на Амбасадата на Република Србија, директно, веднаш му се јавил на министерот Дачиќ, но како што рече, не успеал да го добие. Димитров рече дека вчера побарале телефонски разговор и преку амбасадорот на Македонија во Белград и потенцираше дека е добро што има најави од другата страна дека таквиот разговор ќе се случи најверојатно во утрешниот ден и со српскиот колега ќе имаат можност да остварат разговор.
Димитров додаде дека Владата на Република Македонија ги поздравува најавите од официјален Белград за заштита на пријателските односи и враќање на состојбите во вообичаените рамки.
Потсетуваме, во неделата, Амабасадата на Србија во Скопје го извести Министерството за надворешни работи на Република Македонија дека го повлекува персоналот на амабсадата на консултации во Белград.
Српскиот претседател Александар Вучиќ вчера изјави дека амбасадорката и службениците на амбасадата на Србија во Скопје се повлечени во Србија бидејќи имаат информации за „многу офанзивно разузнавачко делување против органите и институциите на Србија“.
Тој додаде дека за седум до десет дена сѐ ќе биде вообичаено.
Исто така, српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ, вчера изјави дека дел од персоналот на српската амбасада во Македонија ќе се врати следната недела во Скопје и дека амбасадорката Душанка Дивјак Томиќ ќе се врати кога ќе завршат консултациите во Белград.