Admir Fazlagic
23 Август 2017•Ажурирај: 24 Август 2017
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за внатрешни работи (МВР) на Република Македонија Оливер Спасовски денеска МВР се сретна со директорот на Генералната полиција на Република Турција, Селами Алтинок, кој со делегација од турската полиција е во официјална посета на македонското МВР, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според соопштението од Министерството за внатрешни работи на Македонија, министерот Спасовски истакна дека оваа средба е особено значајна за интензивирање на заедничките активности во насока на надминување на безбедносните предизвици со кои се соочуваат, како и во спроведување на реформите кои се во тек, во двете земји.
Министерот Спасовски изрази благодарност за досегашната поддршка што Република Турција конкретно ја демонстрираше кон Македонија од осамостојувањето до денес, со посебен акцент во делот на унапредување на безбедноста и надградба на капацитетите на МВР.
„Само со заеднички напори можеме да се справиме со сите глобални безбедносни закани, почнувајќи од илегалната миграција, борбата против трговија со луѓе, дрога и оружје, потоа превенцијата од радикалниот и насилен екстремизам, како и справувањето со тероризмот и терористичките групи кои за жал стануваат реалност и на нашите простори“, истакна Спасовски.
По средбата со министерот Спасовски, Алтинок се сретна и со неговиот домаќин, директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР, Лазо Велковски.
„На состанокот на делегациите на полициите на двете земји, предводени од двајцата директори, Велковски и Алтинок, се разговараше и беа договорени низа конкретни активности особено во делот на меѓусебни обуки во Центарот за обука во Идризово и при Полициската Академија во Анкара, пред се обуки за обезбедување на ВИП личности, потоа активности за размена на искуства поврзани со спроведување на финансиски истраги, перењето пари и други приноси од криминални дејствија, како и за воспоставување непосредна комуникација со највисоките претставници на турската служба за борба против дрога и недозволената трговија со оружје", информираат од МВР.
Директорот на турската полиција, Алтинок упати официјална покана за возвратна посета на Директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР, Велковски, која би требало да се реализира до крајот на годинава.
На средбата во МВР, присуствуваше и амбасадорката на Република Турција во Македонија, Тулин Еркал Кара.