Abdula Berisha
01 Декември 2022•Ажурирај: 02 Декември 2022
СКОПЈЕ (АА) – Директорот на „Слобода превоз“, Ленин Јовановски, една од двете компании кои ги претставуваат приватните превозници во Скопје, на прес-конференција ја обвини градоначалничката Данела Арсовска дека е креатор на целата криза која доведе до прекин на работењето на приватните превозници и блокада на крстосници, јавува Агенција Анадолија (АА).
Јовановски рече дека по повеќе денови напор за изнаоѓање решение на проблемот, наместо да се зборува за начините на решавање на тој проблем, се соочиле со невистини и клевети од страна на градоначалничката на Град Скопје.
Тој ги негира тврдењата на Арсовска за бројот на приватните автобуси и притоа изјави дека станува збор за вкупно 208 автобуси, од кои 131 се водат од компанијата „Слобода превоз“, и 77 од другата приватна компанија, „Макекспрес“.
Тој ги негира и тврдењата на Арсовска дека не постои долг. Како што рече Јовановски, сметководствената аналитичка картичка на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) заклучно со вчера, покажува долг од 61.812.593 денари (над 1 милион евра).
„Зошто овој долг не може да биде спорен? Не може да биде спорен затоа што ниту „Слобода превоз“, ниту „Макекспрес“ не ги изготвуваат сами фактурите. Тие фактури се изготвуваат врз основа на претходно изработен извештај, табеларен, со сите потребни податоци во него, меѓу другото, бројот на километри, цената по километар и вкупната цена што смееме да ја фактурираме. Тоа го работи нивниот контролен центар, и таа табела, тој извештај, оди на верификација во Град Скопје“, рече Јовановски.
Од друга страна, тој објасни дека сите приходи од продажбата на билети завршуваат во ЈСП.
Јовановски, исто така, изјави дека возачите не вршат продажба на автобуски картички затоа што не работат фискалните апарати, кои, како што рече, се надвор од функција и во автобусите на ЈСП.
Како последица од целата состојба и наталожениот долг, приватните превозници претходно протестираа, вклучително и во понеделникот, кога блокираа една од најфреквентните крстосници во Скопје.
Јовановски најави дека утре, исто така, делумно ќе биде блокирана една од поважните градски улици до Градското собрание и седиштето на Град Скопје.
„Значи, утре од 6 часот делумно ќе биде блокирана улицата „Илинденска“ со целата флота којашто ја имаат „Слобода превоз“ и „Макекспрес“. До кога, не можеме да кажеме, ќе покаже утрешниот ден“, рече Јовановски.
Тој најави дека ако нема реакција, тогаш в понеделник автобусите ќе се прегрупираат и ќе блокираат целосно неколку крстосници и улици во градот.
Јовановски, исто така, упати повик до централната власт да помогне и да се постави како медијатор во спорот на приватните превозници со Град Скопје.