Zylfije Adem Jakupi
30 Ноември 2022•Ажурирај: 01 Декември 2022
ПРИШТИНА (АА) - Претседателката на Косово, Вјоса Османи, на покана на нејзиниот бугарски колега Румен Радев ја започна официјалната посета на Бугарија, каде што беше пречекана со високи државни почести, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Билатералните односи меѓу двете земји Османи ги оцени како одлични, истакнувајќи дека Косово може да има голема корист од бугарското искуство во процесот на евроатлантските интеграции“, соопштено е од Претседателството на Косово.
Османи побара поддршка на Бугарија за Косово во процесот на членство во Советот на Европа, Партнерството за мир, а потоа и во НАТО, како и во други меѓународни организации.
Говорејќи за случувањата во Косово, во регионот и пошироко, косовската претседателка истакна дека институциите на Косово се посветени на мирот, безбедноста и владеењето на правото на целата територија на земјата. Рече дека Србија со неодамнешните случувања на северот на Косово се обидува да го дестабилизира Косово користејќи ги своите нелегални структури.
Меѓутоа, како што нагласи, Косово продолжува да игра конструктивна улога во дијалогот со Србија, за кој рече дека треба да биде насочен кон меѓусебно признавање.
Османи со бугарскиот претседател Радев разговараше и за енергетската криза со која се соочуваат Косово, регионот и Европа, при што се заложи за заеднички одговор на предизвиците во овој сектор.
Бугарија изрази подготвеност да го поддржи Косово во соочувањето со енергетската криза, а двете страни се согласија да изнајдат модалитети за соработка и поддршка на заедничките меѓуминистерски групи на двете држави.
Косовската претседателка на средбата со Радев истакна дека Косово напредувало на полето на владеењето на правото и како мултиетничко општество, кое ги третира сите заедници на афирмативен начин.
На состанокот на двајцата претседатели, меѓу другото, станало збор за зајакнување на соработката на полето на надворешната политика, одбраната, безбедноста, образованието и здравството, како и во други сфери од заеднички интерес.