Husamedin Gina
26 Јуни 2019•Ажурирај: 27 Јуни 2019
СКОПЈЕ (АА) - Денеска во Министерството за одбрана на Република Северна Македонија, на 12 припадници на Армијата им беа доделени сертификати за успешно завршен основен курс по турски јазик во Турскиот културен центар - Институтот „Јунус Емре“, во Скопје, јавува Anadolu Agency (AA).
По тој повод во Министерството за одбрана присуствуваа амбасадорката на Република Турција во Скопје, Тулин Еркал Кара, заменик-началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Азим Нуредин, директорот на Турскиот културен центар - Институтот „Јунус Емре“ во Скопје, Серхат Кула, кои им ги доделија сертификатите за успешно завршениот курс на турски јазик на припадниците на Армијата.
Амбасадорката на Република Турција во Скопје, Тулин Еркал Кара, на церемонијата на доделувањето на сертификатите потсети дека почнувајќи од 2014 година, курсевите по турски јазик се реализираат од страна на Турскиот културен центар „Јунус Емре“ во Скопје.
„Унапредувањето во чин генерал на припадници помеѓу овој персонал е уште една причина да се чувствуваме горди. Би сакала да го истакнам големото задоволство за покажаниот интерес кон нашиот убав турски јазик од страна на припадниците на Армијата. Убедена сум дека покрај заедничката историја и култура, преку курсевите за турски јазик, братството и пријателството помеѓу нашите земји уште повеќе ќе се зацврсти“, нагласи Тулин Еркал Кара, додавајќи дека е длабоко убедена дека припадниците на Армијата кои успешно го завршија курсот, како вистински пријатели на Турција ќе продолжат да даваат придонес во развивањето на меѓусебните односи.
Директорот на Турскиот културен центар - Институтот „Јунус Емре“ во Скопје, Серхат Кула, истакна дека Културниот центар од 2010 година организира курсеви по турски јазик за персоналот на голем број државни институции, меѓу кои и на припадници на Армијата.
„Во изминатите пет години курсот го посетувале 150 курсисти, кои го научиле турскиот јазик. Денеска, собрани сме тука по повод доделувањето на дипломи на 12 припадници на Армијата кои го посетуваа и успешно го завршија курсот по турски јазик во Турскиот културен центар - Институтот „Јунус Емре“ во Скопје, во учебната 2018/2019 година“, рече Серхат Кула, потсетувајќи дека активностите на Културниот центар за изучување на турскиот јазик ќе продолжат со ист интензитет.
Истакнувајќи дека изучувањето на јазикот не е лесна работа, заменик-началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Азим Нуредин, рече дека со вложување на труд од страна на професорите, навистина се постигнати посакуваните резултати за понатамошно продолжување на планираните активности на персоналот во Турција.
„Ние го земаме предвид и тој период по завршувањето на курсевите во школите во Република Турција. Старешините што ни се враќаат, навистина ни се враќаат со квалитет по завршувањето на курсевите и нив ги имаме предвид за поставување на соодветни должности по завршувањето на курсот“, рече Азим Нуредин, потсетувајќи дека и тој самиот во 2012 година го има завршено школувањето во Република Турција и дека сега е заменик-началник на Генералштабот на Армијата.