Alma Dekovic
26 Февруари 2023•Ажурирај: 27 Февруари 2023
ЗАГРЕБ (АА) - Управата за цивилна заштита на Хрватска денес соопшти дека од синоќа примиле повеќе пријави од граѓани за последиците од силниот ветер, дожд и снег на подрачјето на неколку жупании, пренесува Анадолу.
Пријавите од Загреб и Загрепската жупанија најмногу се однесуваа на гранки и дрвја што паднале на улиците, оштетувајќи електрични и телекомуникациски кабли.
Исто така, примени се и повеќе пријави за пад на електричната мрежа на подрачјето на Самобор, Запрешиќ и Брезовица. Поголемиот дел од дефектите се отстранети.
Цивилната заштита наведе дека денес, поради дефект на трафостаница, без електрична енергија останале 1.000 потрошувачи на поширокото подрачје на Двор, а синоќа поради снежни врнежи на подрачјето на Славонски Брод, примени се дојави за паѓање на столбови врз тротоарите во неколку улици.
Утрово во Славонски Брод без електрична енергија останаа 2.200 корисници.
Синоќа пожарникарските единици интервенираа во отстранувањето на стеблата што паднале поради тежината на снегот на улиците во градот Пожега (околу 15 стебла). Поради дефект на далноводите, без електрична енергија останаа околу 2.000 потрошувачи на подрачјето на Бучје, Пакрац и Чаглиќ.
Во Осиек имало повеќе дојави на граѓаните за паѓање на стебла на тротоарите и на паркинг-местата, при што се оштетени четири возила и сообраќајот се одвива отежнато. Според последните информации на Цивилната заштита, утрово без електрична енергија биле 3.245 корисници.