Furkan Abdula
01 Март 2023•Ажурирај: 02 Март 2023
СКОПЈЕ (АА) - Државниот врв на Северна Македонија упати сочувство за загинатите во железничката несреќа која се случи во Грција, пренесува Анадолу.
Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, преку социјалните мрежи реагираше во врска со железничката несреќа, во која патнички и товарен воз се судрија во северна Грција.
„Изразувам длабоко жалење за железничката несреќа што вчеравечер се случи во близина на Лариса“, напиша тој.
„Искрено сочувство до семејствата на загинатите и до целиот грчки народ. На повредените им посакувам побрзо закрепнување“, додаде Пендаровски.
Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, упати сочувство до грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и до сите грчки граѓани за трагичната загуба на животи во железничката несреќа во земјата.
„Нашите мисли се со нашите соседи, со желба за брзо опоравување на повредените и сила за сите да ги издржат овие тешки моменти“, нагласи Ковачевски.
Од друга страна, министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, исто така, преку социјалните мрежи изрази длабоко жалење за железничката несреќа во близина на Лариса.
„Сочувство до семејствата на жртвите. На повредените им посакувам брзо и лесно закрепнување. Подготвени сме да помогнеме“, напиша Османи.
Патнички и товарен воз се судрија во северна Грција, при што животот го изгубија најмалку 36 лица, а повредени се најмалку 130 лица.
Според наводите, патничкиот воз превезувал 346 луѓе и сообраќал од Атина кон Солун, а возовите се судриле во градот Темпи во северната провинција Лариса.
Според извештаите, неколку вагони излетале од шините, а најмалку три од нив се запалиле.
Во меѓувреме, грчката полиција и лекарите започнаа процес на идентификација на телата во Општата болница во Лариса.