Furkan Abdula
24 Мај 2022•Ажурирај: 25 Мај 2022
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, и претседателот на Владата на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, упатија честитки по повод донесената одлука од соборот на Српската православна црква за прифаќање на автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Упатувам честитки до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), г.г. Стефан, и до сите граѓани од православна вероисповед по повод едногласно донесената одлука од соборот на Српската православна црква за прифаќање на автокефалноста на МПЦ-ОА“, нагласи Пендаровски, се вели во соопштението од Кабинетот на претседателот на државата.
Пендаровски истакна дека ова е радосна вест за сите граѓани на земјава од православна вероисповед, што следува по одлуката на Вселенската патријаршија за прием на МПЦ во канонско единство.
„Одлуката на Српската православна црква ќе придонесе за исправање на историските неправди и отвора можност за нов и необременет духовен раст на Охридската архиепископија. Верувам дека целиот процес на признавање на автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија ќе заврши со скоро потпишување на томосот од вселенскиот патријарх г.г.Вартоломеј, што ќе придонесе за исполнување на еден од нашите национални интереси и за напредок и помирување во македонското општество“, додаде Пендаровски во својата порака.
Според владиното соопштение, и премиерот Ковачевски упати честитка по повод автокефалноста на Македонската православна црква.
„Голем е денешниот ден, историски, да ја добиеме и автокефалноста на нашата црква како рамноправна со другите и како признание за нејзиното наследство во духовната величина на древната Охридска архиепископија, и како автентичен дел на македонскиот идентитет. Се радуваме заедно со сите православни христијани во нашата земја на историската вест со која Македонската православна црква – Охридска архиепископија се стекнува со автокефалност“, нагласи Ковачевски.
„Оваа со векови очекувана вест е соопштена денеска на заедничката служба со Српската православна црква, на која патријархот Порфириј соопшти дека одлуката МПЦ-ОА да биде прифатена како автокефална црква ќе биде предложена пред Вселенската патријаршија со препорака таа да биде прифатена од сите православни цркви. Нека е честит овој голем ден за сите православни верници и за сите граѓани“, додаде Ковачевски.