Husamedin Gina
13 Март 2019•Ажурирај: 14 Март 2019
СКОПЈЕ (АА) – „Да се биде припадник на Единицата за специјални задачи „Тигар“ (ЕСЗ), колку што е голема чест, толку можеби е поголема обврска“, истакна министерот за внатрешни работи на Северна Македонија, Оливер Спасовски, на денешната свеченост по повод одбележувањето на 38-годишнината од формирањето на Единицата, јавува Anadolu Agency (AA).
На почетокот од одбележувањето на годишнината на Единицата, им беше оддадена почит со едноминутен молк на загинатите припадници на ЕСЗ и беше положено цвеќе пред споменикот.
Во своето обраќање на свеченоста, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, истакна дека Единицата за специјални задачи, било од технолошки-техничкиот дел, било од професионално-стручниот дел, по ништо не заостанува од сродните полициски организациони единици од земјите од регионот и од Европа.
„Да се биде припадник на оваа единица, колку што е голема чест, толку можеби е поголема обврска. Обврска која бара исполнување на многу високи индивидуални човечки перформанси и професионални стандарди“, нагласи Спасовски, додавајќи дека ќе продолжат да работат уште поинтензивно на процесите на севкупна професионална организација, унапредување и наградба на овој суштински столб на полициското работење.
Командантот на ЕСЗ, Митко Даневски, потенцираше дека Единицата денес прераснала во модерна и елитна формација.
„Припадниците на оваа едница со својот борбен дух, висока мотивираност и обученост најчесто извршуваат задачи во високо ризични, непредвидливи и крајно екстремни ситуации“, нагласи Даневски, потсетувајќи дека „Тигрите“ несебично се жртвуваат за постигнување на целта, па дури и по цена на сопствениот живот.
На крајот на свеченоста „Тигрите“ изведоа тактичко-показна вежба.
На денешен ден 1981 година во МВР, во рамките на поранешниот Секретаријат за внатрешни работи на Социјалистичка Република Македонија, е формирана Единицата, денес позната како „Тигар“.