Vesna Besiç
20 Мај 2018•Ажурирај: 20 Мај 2018
САРАЕВО (AA) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, допатува во работна посета на Босна и Херцеговина (БиХ), јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган на Меѓународниот аеродром во Сараево го дочека претседавачот на Претседателството на БиХ, Бакир Изетбеговиќ.
Во посетата на БиХ, допатува и сопругата на турскиот претседател, Емине Ердоган, заменик-премиерот на Република Турција, Хакан Чавушоглу, министерот за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, министерот за економија, Нихат Зејбекчи, министерот за спорт и млади на Република Турција, Осман Аскин Бак, министерот за култура и туризам, Нуман Куртулмуш, министерот за сообраќај, поморство и комуникација, Ахмет Арслан и претседателот на Управата за верски работи на Турција (Дијанет), Али Ербас.
Ердоган посетата на БиХ ја започнува со состанокот во Претседателството на БиХ. По заедничка фотографија, најавена е тет-а-тет средба на претседавачот на Претседателството на БиХ и претседателот на Република Турција, како и состанок на делегациите на двете земји.
По состанокот ќе биде одржана и конференција за новинари на која ќе се обратат Изетбеговиќ и Ердоган. Претседателот на Република Турција, по состанокот во Претседателството на БиХ ќе положи цвеќе на гробот на првиот претседател на БиХ, Алија Изетбеговиќ, а потоа ќе присуствува на 6. по ред Конгрес на Унијата на европско-турските демократи (УЕТД), кој ќе биде одржан во Олимписката сала „Хуан Антонио Самаранч“ во Сараево.
По Конгресот, претседателот на Република Турција ќе го посети и Интернационалниот универзитет во Сараево каде што ќе му биде доделен почесен докторат.
Во текот на денешната посета предвидена е прошетка низ Стариот Град на Сараево.