Bedrudin Brljavac,Kemal Zorlak
08 Септември 2022•Ажурирај: 09 Септември 2022
ЗАГРЕБ (АА) - Моментумот што го постигнавме во последните години со Хрватска во смисла на економската соработка е ветувачки, порача претседателот на Република Туркије, Реџеп Таип Ердоган, во своето обраќање на Бизнис форумот Хрватска – Туркије што се одржа во Загреб, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган денес престојува во посета на Хрватска, каде што претходно одржа состанок со претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ, а потоа свечено ги отвори џамијата и Исламскиот културен центар во Сисак.
„Утрово имав состанок со претседателот на Хрватска, а потоа имавме состанок на делегациите. Разговаравме и за нашите трговски односи. Верувам дека одлуките што ги донесовме ќе придонесат за јакнење на соработката и пријателството помеѓу нашите земји. Моментумот што го постигнавме во последните години во смисла на економската соработка е ветувачки“, рече Ердоган во обраќањето на Бизнис форумот, на кој присуствуваше и претседателот Милановиќ.
Потсети дека трговската размена меѓу двете земји е зголемена за два и пол пати од неговата претходна посета на Хрватска во 2016 година.
„На крајот на 2015 година нашата трговска размена изнесуваше 387 милиони долари, а на крајот на 2021 година достигна 900 милиони долари. Во текот на таа посета поставивме цел за пет години нашиот обем на трговска размена да го зголемиме на милијарда долари, но во тоа не успеавме поради пандемијата. Верувам дека оваа година таа цел лесно ќе ја достигнеме“, рече турскиот претседател.
Додаде дека сега краткорочната цел за обемот на трговска размена е две милијарди долари, а среднорочната и долгорочната цел се пет милијарди долари.
Напомена дека турските компании инвестираат во голем број сектори во Хрватска, првенствено во енергетиката, градежништвото, инфраструктурата, туризмот и банкарството.
„Сигурен сум дека овој Бизнис форум ќе биде дополнителен поттик кој ќе го зголеми моментумот во нашите економски и трговски односи. Ние државниците сме одлучни, исто така, да ги отстраниме бирократските препреки кои стојат пред бизнис светот, а вие, луѓето од деловниот свет, имате задача да дадете придонес за зајакнување на економските врски на нашите држави“, рече Ердоган.
Говорејќи за турската економија, Ердоган рече дека во 2020 година, кога глобалната економија падна за 3,4 отсто, Туркије има остварено стапка на раст од 1,8 отсто.
„Во време кога светската економија се соочува со ризик од сериозен пад, забележавме стапка на раст од 7,5 отсто во првиот квартал од 2022 година и 7,6 отсто во вториот квартал. Од овој месец, нашиот извоз надмина 250 милијарди долари на годишно ниво“, рече Ердоган.
Турскиот претседател се осврна и на наменската индустрија на земјата, нагласувајќи дека на тој план е постигнат голем успех.
„Благодарение на нашиот напредок во областа на технологијата на беспилотни летала, денес сме една од трите најуспешни земји во светот на тоа поле“, рече Ердоган, и додаде:
„Со нашиот офанзивен борбен дрон Акинџи, ја подигнавме нашата флота на беспилотни летала во повисока лига. Исто така, со системот на борбени беспилотни авиони имаме за цел да станеме број еден во светот“.
Ердоган нагласи дека напредокот на Туркије во оваа област е најдобар и најконкретен показател за силата на турската економија и довербата во Туркије.
Ердоган денеска престојува во официјална посета на Хрватска, која беше трета станица во неговата балканска турнеја, откако претходно ги посети Босна и Херцеговина и Србија.