Şerife Çetin
06 Јули 2020•Ажурирај: 07 Јули 2020
БРИСЕЛ (АА) - Европската комисија соопшти дека првиот состанок, по долг период, на Процесот за дијалог меѓу Белград и Приштина, кој има за цел да ги нормализира односите меѓу Србија и Косово, ќе се одржи на 12 јули, јавува Агенција Анадолија (АА).
На дневната прес-конференција, портпаролот на Европската комисија, Питер Стано, соопшти дека косовскиот премиер, Авдулах Хоти, и српскиот претседател, Александар Вучиќ, ќе се состанат во Брисел на 12 јули, а домаќин на средбата ќе биде високиот претставник за надворешни односи и безбедност на ЕУ, Жозеп Борел.
Потсетувајќи дека состаноците за дијалог не се одржуваат од ноември 2018 година, Стано рече дека на состанокот ќе присуствува и специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак.
На средбата, освен за билатералните односи меѓу двете земји, ќе се разговара и за регионалните случувања во Западен Балкан.
Во Брисел, на 19 април 2013 година, поранешниот косовски премиер, Хашим Тачи, и неговиот српски колега, Ивица Дачиќ, го потпишаа Договорот за нормализација на односите меѓу двете држави, кој од ЕУ и од меѓународната заедница се смета за историски.