Admir Fazlagic
30 Септември 2018•Ажурирај: 30 Септември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Во 19:00 часот заврши гласањето на денешниот референдум во Република Македонија, на кој граѓаните се изјаснуваа на прашањето: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Грција?“, јавува Anadolu Agency (AA).
Референдумот се спроведе на 3. 513 избирачки места во 80 општини во земјата.
Државната изборна комисија соопшти дека до 17:00 часот правото на глас го искористија 455.771 гласач, односно 28,83 отсто од вкупниот број гласачи.
Претседателот на ДИК, Оливер Деркоски, на прес-конференцијата за процесот на гласање до 17:00 часот, истакна дека процесот на гласање се одвива редовно, без прекини и без големи проблеми. Тој нагласи дека најголем дел од приговорите се однесуваат на тоа дека некои граѓани не се наоѓаат на избирачкиот список, бидејќи немале валидни документи за идентификација.
Со право на глас на референдумот на државно ниво во избирачкиот список се запишани вкупно 1.806.336 гласачи. За да се постигне предвидениот цензус од 50 проценти плус еден глас, на референдумот треба да излезат најмалку 903.169 гласачи.
Државната изборна комисија (ДИК) има издадено акредитации за набљудување на 11.907 домашни и на 493 странски набљудувачи.
Потсетуваме, владите на Република Македонија и Република Грција во јуни оваа година, во Преспа го потпишаа Договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и за стратегиско партнерство, според кој, Република Македонија треба да го смени своето име во Република Северна Македонија.