Adel Omeragic
24 Мај 2019•Ажурирај: 24 Мај 2019
ПОДГОРИЦА (AA) - „Северна Македонија и Црна Гора имаат многу области каде што можат да се зајакнат економските врски, а една од нив е и секторот туризам“, е пораката од денешнот Бизнис-форум кој е одржан во Подгорица помеѓу стопанствениците на Црна Гора и Северна Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Деловниот форум собра бројни стопанственици од двете земји, а се одржува во рамките на посетата на премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, на Црна Гора.
Двајцата премиери најавија подобра економска соработка, но нагласија дека лошата сообраќајна поврзаност значително влијае на трговските односи.
Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, претставувајќи ги параметрите кои покажуваат раст на домашната економија, на стопанствениците им порача дека сака уште подобро да работат, бидејќи на тој начин ќе се отворат нови работни места.
„Ќе се зголеми растот на економијата, растот на БДП, а на тој начин и стандардот на двете држави и целиот регион. Западна Европа ќе нѐ почитува многу повеќе ако ја унапредиме соработката тука во регионот. Верувам дека Европа по линија на колективи ќе субвенционира 50 отсто од трошоците на авиолинијата Подгорица - Сараево - Скопје, бидејќи авиоповрзувањето е многу значајно“, истакна Заев.
Душко Марковиќ, премиерот на Црна Гора, на македонските стопанственици им ги претстави економските показатели на Црна Гора, напоменувајќи дека државата е посебно горда на намалената невработеност и зголемувањето на вработеноста.
„Во Црна Гора се присутни инвеститори од 110 држави. Постои голем потенцијал за продлабочување на економската соработка помеѓу Црна Гора и Северна Македонија. Соработката досега беше многу скромна. Се радуваме на зголемувањето на македонските вложувања во сите сектори, а во секторот на туризмот сакам да ја искористиме заедничката шанса која можеме да ја оствариме со настап на трети пазари, посебно имајќи ја предвид комплементарноста на туристичките производи на нашите две земји. Неадекватната сообраќајна поврзаност е лимитирачки фактор за подобри трговски односи. Уште во текот на нашата прва средба во Подгорица во 2017 година разговаравме за изнаоѓање модалитет за воведување авиолинија Скопје - Подгорица, во соработка со заинтересираните градови, како што е Сараево. Постои желба таа тема денес конкретно да се разгледа на седницата на двете влади“, рече Марковиќ.
Премиерот на Северна Македонија, кој претстојува во дводневна посета на Црна Гора, во четвртокот разговараше со претседателот на државата, Мило Ѓукановиќ, и со претседателот на Собранието, Иван Брајовиќ. Заев рече дека Црна Гора е пример во регионот како треба да се водат преговори со Европската Унија.
Заедничката седница на владите на Црна Гора и Северна Македонија ќе биде одржана денес во Подгорица, а воведни излагања ќе имаат премиерите на двете држави.
Претставниците на Црна Гора и на Македонија ќе потпишат договори за заемна размена и заштита на тајните податоци и соработка во областа на животната средина. Ќе биде потпишан протокол за соработка во областа на европската интеграција и меморандум за разбирање во здравството.