Admir Fazlagic
07 Ноември 2017•Ажурирај: 08 Ноември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Министерот во Владата на Република Македонија задолжен за за имплементација на Националната стратегија на Ромите Самка Ибраимовски денеска одржа прес конференција по повод 7 Ноември – Светскиот ден на ромскиот јазик , прогласен 2015 година од страна на УНЕСКО и повика на зачувување на ромскиот мајчин јазик и традицијата и вредностите на ромската заедница во Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
„Јазикот на еден народ е главен чинител на културниот и национален идентитет. Бројот на Роми во Европа е меѓу 12 и 15 милиони. Во повеќе од 60 проценти од земјите во Источна и Југоисточна Европа се говори ромскиот јазик", изјави Ибраимовски.
Тој во своето денешно обраќање најави иницијатива во Собранието на Република Македонија за прогласување на 7 Ноември како ден на ромскиот јазик во Македонија, со што, според неговото мислење, институциите ќе дадат свој придонес за подобро интегрирање на Ромите.
„Разговараме со Педагошкиот факултет да има студии на ромски јазик и сметаме дека од наредната година ќе имаме студенти магистри по романистика", рече Ибраимовски додавајќи дека имаат поддршка од Министерството за образование на Република Македонија.
Инаку, според податоците од пописот на населението и домаќинствата во Република Македонија кој се спроведе 2002 година, во земјава живеат 53.879 Роми,односно 2,66 % од вкупната популација во земјата. Некои невладини организации наведуваат дека нивниот број е поголем поради фактот што голем број Роми немаат лични карти и не учествувале во пописот на населението.