Stipe Mayic
07 Ноември 2017•Ажурирај: 08 Ноември 2017
ЗАГРЕБ (АА) - Претседателката на Република Хрватска, Колинда Грабар Китаровиќ, денес порача дека целта на парламентарната истражна комисија за „Агрокор“ e да ги расветли сите елементи на случајот. Аферата „Агрокор“ претседателката ја нарече најголем скандал во хрватската историја, јавува Anadolu Agency (AA).
„Она што сакам е сѐ да биде транспарентно, јавноста да ја знае вистината. Свесна сум дека кај парламентарната истражна комисија постојат тие законски ограничувања, меѓутоа мислам дека е потребна флексибилност и оти можат да се менуваат и законите кога интересот на јавноста е таков, а во овој случај огромен. Да се знае што точно се случувало, да се расчисти и сите оние што се виновни за ова и кои, за жал, го доведоа до ситуацијата во којашто 'Агрокор' денес се наоѓа, да одговараат за тоа бидејќи е еден од најголемите скандали досега во хрватската историја“, рече Колинда Грабар Китаровиќ.
Претседателката изјави дека аферата „Агрокор“ силно влијае на стабилноста на хрватската економија, на голем број работни места во земјата, на голем број кредитори, кооперанти, но и на соседните земји.
Претседателката Китаровиќ истакна дека слушнала оти Ивица Тодоровиќ е во Велика Британија, но нема сознанија на која адреса се наоѓа.
Парламентарната истражна комисија денес продолжува со својата работа и ќе испита тројца сведоци, меѓу првите Јосип Манолиќ, Милан Ковач и Иван Пениќ.