Admir Fazlagic
31 Декември 2016•Ажурирај: 31 Декември 2016
СКОПЈЕ (АА) - „Нека претстојните празници ни донесат нова сила, нова радост, позитивни мисли и обновена надеж за исполнет живот во мир, просперитет и благосостојба", истакна во своето новогодишно обраќање до граѓаните претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Годинава што одминува сакаме што побргу да ја заборавиме. Во неа се соочивме со многу кризи и предизвици.Редно е да извлечеме поуки од сето тоа и да излеземе посилни, помудри и поодговорни. Да не дозволиме се што беше негативно да ни се повтори", рече Иванов истакнувајќи дека во празничните моменти се чувствува моќта на надежта и радоста.
„Новата 2017-та година кај секој од нас буди нови очекувања, нови надежи, нови желби. Во овие моменти кога ја чувствуваме моќта на надежта и на радоста, се навраќаме на основните човечки вредности, на потребата да бидеме солидарни, хумани, праведни... Овие денови кога празнуваме и се радуваме се можност да се навратиме на она што секој еден од нас го направил за своето семејство, за своите пријатели, за своите соседи, за своето општество, за својата држава".
На сите граѓани, претседателот Иванов во новата 2017. година посака здравје, радост, љубов и добрина.
„Вашите желби нека станат реалност, а реалноста нека биде поубава и поблагопријатна за сите нас. Да постигнуваме успеси на кои сите ќе се радуваме. Да си простуваме и да се почитуваме. Да си помагаме и да се поддржуваме.Во се што правиме, свесно да го поттикнуваме најдоброто во нас и најдоброто кај другите.Бидејќи само така ќе ја градиме Македонија како хумано, солидарно и праведно општество", истакна во новогодишното обраќање до граѓаните претседателот Иванов.