Zülfiya Yakup
17 Декември 2015•Ажурирај: 18 Декември 2015
ПРИШТИНА (АА) - Претседателката на Косово Атифете Јахјага, во годишното обраќање пред пратениците во Собранието на Косово, кое го бојкотираше опозицијата, изјави дека Косово се наоѓа во најкритичниот миг во својата понова парламентарна демократија. Јахјага рече дека со невидениот судир меѓу политичките класи, кој трае веќе четири месеци, доведено е во прашање основниот демократски консензус вграден во темелите на државноста на Косово, јавува Anadolu Agency.
„Граѓаните станаа гледачи на екстремна напнатост, длабок шок, невидено насилство, невидена ароганција во нашата нова историја. Во овој критичен миг за иднината на Косово, дали имаме потреба за таква поделба? Дали е можно луѓето на кои граѓаните на Косово им го доверија создавањето на државата да ја предизвикуваат токму таа држава, за која некогаш се соочувале со секаков страв и за која се жртвувале“, запраша Јахјага.
Наведе дека работејќи според своите уставни одговорности одржала поединечни и групни состаноци со претставниците на позицијата и опозицијата и дека ги повикала на решение на кризата, но дека секогаш била одбивана и условувана.
Потсети дека врз основа на своите овластувања Договорот за заедницата на општини со српско мнозинство го испратила на разгледување до Уставниот суд, а во врска со демаркацијата на границата со Црна Гора предложила формирање на „ad hoc“ комисија со странски експерти кои ќе утврдат евентуални неправилности.
„Косово е поважно од сите нас поединечно и граѓаните на Косово немаат долг кон ниеден од нас за да заслужат такво однесување. Ја користам оваа можност да ги пофалам граѓаните на Косово кои со трпение и со разум одбија да бидат дел од овој судир и се издигнаа над него. Силата на аргументот не може да ја замени силата на солзавецот, ниту пак нашата демократија можеме да ја редуцираме со броеви. Нивото на нашата демократија и нејзиниот квалитет ќе го одреди дијалогот помеѓу позицијата и опозицијата“, рече Јахјага.
Јахјага упати повик до актуелната политичка класа, власта и опозицијата, да ги надминат дневнополитичките интереси и интересот на земјата да го постават како приоритет.
Јахјага говореше и за неопходноста од продолжување на дијалогот со Србија, со посредство на ЕУ со цел нормализирање на односите на двете земји. Кажа дека европскиот пат на Косово е условен со дијалогот со Србија, додека патот на Србија кон ЕУ е условен со потполно укинување на нејзините паралелни институции во Косово.
Претседателката изрази разочарување поради последната оцена на Советот на Европската унија за не-либерализација на визите за граѓаните на Косово.
На крајот кажа дека ова е нејзино последно обраќање во Собранието во нејзиниот петгодишен мандат како претседателка, и дека и било чест да им служи на граѓаните и земјата, на што доби голем аплауз од присутните пратеници.