Bekim Laci
12 Јуни 2017•Ажурирај: 12 Јуни 2017
ПРИШТИНА (АА) - Централната изборна комисија (ЦИК) на Република Косово ги објави прелиминарните резултати од 91,16 отсто од гласовите на предвремените парламентарни избори во Косово, или 2.270 од вкупно 2.490 избирачки места, јавува Anadolu Agency (АА).
Вкупниот број на регистрирани гласачи е 1.872.941, а според последниот извештај на ЦИК, право на глас имаат искористено 759.904 граѓани.
На интернет страницата на ЦИК, каде се објавуваат обновени податоци од резултатите, стои дека досега се избројени 91,16 отсто од гласачките ливчиња, од кои 48.802 се прогласени за неважечки.
Според досега изброените гласови, коалицијата ПДК-ААК-НИСМА, чиишто кандидат за премиер е Рамуш Харадинај е на прво место со 34,60 отсто или 220.644 гласови.
Второ е Движењето „Самоопределување“, со кандидат за премиер Албин Курти, кое според досегашните резултати има освоено 26,73 отсто или 170.481 гласови, додека на трето место се наоѓа коалицијата ЛДК-АКР-Алтернатива со кандидатот за премиер Авдулах Хоти, со 25,84 отсто од гласовите, односно 164.773 гласови.