Adel Omeragic
18 Декември 2018•Ажурирај: 18 Декември 2018
ПОДГОРИЦА (АА) - Граѓаните на Црна Гора во висок процент имаат позитивен став за Европската Унија (ЕУ), а главните позитивни асоцијации на оваа заедница се високиот стандард, слободата за патување и можноста за вработување, покажуваат резултатите од истражувањето за ставовите на граѓаните за ЕУ, кое денес е претставено во Подгорица, јавува Anadolu Agency (AA).
Позитивен став за ЕУ имаат 67,4 отсто од испитаниците, додека 23,6 отсто имаат негативен став. Неопределени се 9 отсто од испитаниците.
Оливера Комар од агенцијата „DeFacto“, која го спроведе истражувањето, изјави дека особено е висока поддршката за ЕУ меѓу младите до 35 години, од кои 74,5 отсто имаат позитивен став за ЕУ.
„Најголем процент од испитаниците сметаат дека Црна Гора во 2025 година ќе влезе во ЕУ“, изјави Комар.
Истражувањето покажа дека 65,9 отсто од испитаниците го поддржуваат пристапот во ЕУ, додека 23,5 отсто биле против.
Главниот преговарач на Црна Гора со ЕУ, Александар Дрљевиќ, истакна дека го радува тоа што истражувањето го потврдило стабилниот позитивен тренд, кога е во прашање ставот за пристап во ЕУ.
„Радуваат и податоците кои потврдуваат дека граѓаните на Црна Гора немаат дилема кога е во прашање влезот во ЕУ. На референдумот за влез во ЕУ би гласале 86 отсто од граѓаните“, изјави Дрљевиќ.
Шефот на Делегацијата на ЕУ во Црна Гора, Аиво Орав, истакна дека поддршката од речиси 70 отсто за ЕУ е добра вест.
Истражувањето е спроведено во периодот од 29 август до 18 септември, на репрезентативен примерок од 1.004 испитаници.