Zylfije Adem Jakupi
13 Мај 2020•Ажурирај: 13 Мај 2020
ПРИШТИНА (АА) - Вршителот на должноста премиер на Косово, Албин Курти, и 15 министри на неговиот Кабинет одржаа седница на која доставија извештаи за 100-те дена работа на Владата на Косово, јавува Агенција Анадолија (AA).
На седницата, на која сите министри ја презентираа работата на своите ресори, вршителот на должноста премиер истакна дека оваа Влада од самиот почеток донела промени во однос на она што го работеле претходните влади. Тој рече дека овој владин кабинет е мал затоа што Косово е мала земја, и дека платите се намалени затоа што Косово е сиромашна земја.
Тој рече дека 100 дена од оваа Влада треба да се поделат на два дела, во првите 50 дена со редовна парламентарна функција и 50 дена по изгласувањето недоверба во Собранието на Косово. Курти наведе дека Владата е падната, но дека целата нација станала. Истакна дека е за жалење тоа како се постапувало со владата и премиерот од страна на претседателот на Косово и од стариот режим.
„Од намалувањето на кабинетот и намалувањето на платите на владините службеници, до смената на корумпираните Управни одбори и менаџментот на некои јавни претпријатија. Од стопирање на финансиското „крвопролевање“ преку скапиот асфалт, до запирање на договорите за лобирање и непотребните кирии. Од почетокот на проверката на правосудството до дополнителната поддршка на Косовските безбедносни сили. Од одличното управување со пандемијата на Ковид-19, па сè до Итниот фискален пакет. Од смената на политичките амбасадори до репатријацијата на почесните конзули. Од почетокот на трговскиот реципроцитет со Србија, до донацијата на половина милион евра за Прешево, Медвеѓа и Бујановац“, нагласи Курти.
Тој рече дека Владата што ја предводи работела над сите предвидувања. Нагласи дека патот напред е слободни демократски избори, утврдувајќи дека „Владата ќе остане да работи до новите избори“.
По парламентарните избори на 6 октомври минатата година, победничките партии Движењето „Самоопределување“ и Демократскиот сојуз на Косово, склучија договор за коалиција според кој лидерот на „Самоопределување“, Албин Курти, на 3 февуари беше избран за премиер. Меѓутоа, на 25 март, Владата по проблемите во коалициските односи, беше соборена во Парламентот на барање на Демократскиот сијуз на Косово. Кабинетот на Курти продолжи да функционира како Влада на должност.
Дали Косово ќе оди на нови избори или нова Влада ќе формира Демократскиот сојуз на Косово (LDK), кому му е доверен мандатот со декрет на косовскиот претседател Хашим Тачи, ќе се знае по одлуката на Уставниот суд на Косово кој ја разгледува уставноста на тој декрет. Дотогаш, на сила е одлуката на Уставниот суд да се суспендира декретот на претседателот за именување на Авдулах Хоти од Демократскиот сојуз на Косово за мандатар на новата Влада до 29 мај.