Zylfije Adem Jakupi
30 Март 2020•Ажурирај: 31 Март 2020
ПРИШТИНА
Вршителот на должност Министер за внатрешни работи и јавна управа на Косово, Џелал Свлечла денес до Основното обвинителство во Приштина поднесе кривична пријава против претседателот на Косово Хашим Тачи поради повикот до граѓаните да не ја почитуваат одлуката на Владата на Косово за ограничување на движењето како мерка против заштитата од раширувањето на коронавирусот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Како што соопштуваат од Министерството за внатрешни работи и јавна управа на Косово, Џелал Свлечла до Основното обвинителство во Приштина поднел кривична пријава против претседателот Хашим Тачи во врска со неговите изјави дадени на 23 март за непочитувањето на одлуката донесена од страна на Владата во врска со заштитните мерки преземени против коронавирусот.
„Уставот на Република Косово предвидува вкупно 30 надлежности на претседателот на земјата, но ниту една од нив не е во врска со проценката на законитоста и уставноста на одлуките на Владата. Оваа надлежност ѝм припаѓа на судовите“, порача Свлечла
Во продолжение се наведува дека претседателот со своите изјави и повикот за непочитување на одлуката на Владата, покрај тоа што предизвикал несигурност кај граѓаните, можел со таквиот повик да влијае на предизвикување на хаос на улиците и да ‘придонесе’ за уште поголемо проширување на коронавирусот.
„Во врска со тоа, земајќи во предвид дека сме посветени на почитување на органите на правосудството и создавање на држава во која секој систем е навистина одвоен и независен, г-дин Свечла поднесе кривична пријава против претседателот, под основно сомнение дека претседателот извршил кривично дело ‘Повик за отпор’ предвиден со Член 403. од Кривичниот закон на Република Косово“, се вели во соопштението.
Претседателот на Косово Хашим Тачи минатата недела му се обрати на Уставниот суд на Косово од каде побара толкување на одлуката на косовската Влада за ограничување на движењето на граѓаните како превентивна мерка против раширувањето на коронавирусот. Претседателот тоа го соопшти на конференцијата за медиумите што ја одржа ден по одлуката на Владата за запирање на движењето на луѓето и приватните возила во два различни временски периоди во текот на денот, од 10 до 16 часот и од 20 до 6 часот наутро.
Претседателот Тачи инаку и пред официјалното соопштение на Владата на Косово изјави дека ваквата одлука на Владата претставува флангрантно кршење на Уставот на Косово, бидејќи таквата одлука не може да се воведува без претходно воведување на вонредна состојба. Според неговите зборови, ваквата одлука може да донесе само Собранието на Косово. Претседателот Тачи изјави дека граѓаните не се обврзани да ја почитуваат одлуката донесена од страна на Владата. Тој претходно побара воведување на вонредна состојба, но Владата беше против тоа.