Agim Sulaj
20 Ноември 2025•Ажурирај: 21 Ноември 2025
ПРИШТИНА (АА) - Претседателката на Косово, Вјоса Османи, го прогласи 28 декември 2025 година како датум за одржување вонредни парламентарни избори, јавува Анадолу.
Оваа одлука, која претседателката Османи ја објави на прес-конференција, е донесена по состанокот со лидерите на политичките партии на кој таа вложи напори за политичко обединување, со цел да се гласа во Собранието за неколку национални ургентни одлуки, вклучително и буџетот на земјата за 2026 година.
Османи рече дека лидерите на политичките партии, главно, имале два предлога за датум за избори, 21 и 28 декември, но таа се одлучила за 28 декември поради подготовките што ги бара Централната изборна комисија (ЦИК) на Косово, како и можноста учеството на граѓаните на изборите да биде поголемо на овој датум.
„Уште еднаш, жално е за Косово и неговите граѓани што повторно сме принудени да одиме на избори, но тоа беше волја на политичките партии што произлегоа од изборите на 9 февруари. Ви посакувам успех во овој процес со надеж дека веднаш по изборите и без никакво одложување ќе имаме конституирање на Собранието и избор на нова влада“, рече Османи.
На прашањето дали има намера да добие уште еден мандат како претседател, таа рече дека ќе придонесува за државата, но не спомена конкретна позиција.
„Да видиме каков ќе биде составот на следното Собрание по изборите на 28 декември, тоа ќе разјасни сè, но споменувам дека ќе им служам на институциите на Република Косово, служејќи таму каде што верувам дека најдобро можам да ѝ помогнам на мојата земја. Ова ќе го одредат граѓаните“, рече Османи.
Мандатот на претседателката Вјоса Османи истекува во април следната година, а за назначување нов претседател се потребни две третини од гласовите на Собранието на Косово.
Османи рече дека по изборите на 28 декември процедурите за формирање на Собранието на Косово и назначување нова влада би можеле да траат до крајот на февруари.