Zylfije Adem Jakupi
15 Јуни 2021•Ажурирај: 16 Јуни 2021
ПРИШТИНА
Премиерот на Косово, Албин Курти, соопшти дека денес во Брисел се состанал со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, со посредување на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, и на специјалниот претставник за дијалог Мирослав Лајчак, јавува Агенција Анадолија (AA).
Курти на социјалната мрежа Фејсбук изјави дека со него бил неговиот заменик задолжен за дијалог, Бесник Бислими, додека во делегацијата на Србија бил и министерот за надворешни работи Никола Селаковиќ.
„Го покажавме нашиот критички став кон досегашниот процес и договорите. Изразуваме подготвеност за конструктивен дијалог за заемно признавање. Следниот состанок ќе се одржи пред летната пауза, што започнува на 25 јули“, рече Курти.
Премиерот на Косово рече дека не се согласува со агендата на идниот дијалог и дека претставил нови четири предлози.
„Прво, дека шесте земји од Западен Балкан напредуваат кон ЦЕФТА во СЕФТА (Договор за слободна трговија на Југоисточна Европа) според моделот ЕФТА-ЕЕА, односно договорот што го имаат Лихтенштајн, Норвешка и Исланд со ЕУ. Второ, Косово и Србија веднаш потпишуваат заеднички мировен договор, ветувајќи дека нема да се напаѓаат едни со други. Ова е поважно сега од кога било досега, ден по Самитот на НАТО во Брисел и едногласните пораки таму“, рече Курти.
Како трет предлог, Курти го изјави следново: „По заемното признавање меѓу Република Косово и Република Србија, ќе имаме билатерален реципроцитет во двете наши земји, вклучувајќи го и прашањето за малцинствата овде. Значи, Србите во Косово можат да имаат свој Национален совет, како што имаат Албанците и Бошњаците во Србија.“
Четвртиот предлог се однесува на прашањето за исчезнатите лица, исчезнати со насилство. „Шефот на српската делегација треба да биде сменет од функцијата и испрашуван, Веjко Одаловиќ, кој во 1997-1999 беше „началник на Генералштабот на косовскиот регион“ и го водеше окупирано Косово заедно со Зоран Анѓелковиќ.“
„На мојот прв предлог не е одговорено, додека останатите три предлози беа одбиени. Се надевам дека по нивното враќање во Белград, Вучиќ и Селаковиќ ќе размислат повеќе и сериозно ќе размислат за прифаќање на овие предлози“, рече Курти.
Тој на крајот додаде дека Борел ќе се сретне со американскиот претседател Џо Бајден попладнево.