Zylfije Adem Jakupi
30 Септември 2021•Ажурирај: 01 Октомври 2021
ПРИШТИНА
Премиерот на Косово, Албин Курти, изјави дека по повод договорот постигнат во Брисел е воспоставен реципроцитет на табличките со Србија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Курти напиша на Фејсбук дека според договорот, државните симболи ќе бидат покриени на табличките на Република Косово во Србија, и со тоа ќе бидат опфатени симболите на државата Србија на нејзините возила на територијата на Косово.
„Специјалните единици кои отидоа во Јариње и Брњак на 20 септември за да ги заштитат граничните премини и граничната полиција од оние што ги блокираат патиштата, ќе бидат отстранети затоа што нема потреба повеќе да се останува таму“, рече премиерот.
Курти истакна дека косовската гранична полиција во иднина ќе применува реципроцитет на табличките, додека КФОР ќе остане таму околу две недели за да се увери дека сѐ е безбедно.
„Претседателот на Србија минатата недела постави четири услови за средба на нашите претставници во Брисел. Се разбира, тие не беа исполнети и вчера се одржаа разговори во Брисел. „Сега е ерата кога Србија почнува да се навикнува на реципроцитетот“, рече косовскиот премиер.
Специјалниот посредник на Европската Унија за дијалогот, Мирослав Лајчак, потврди дека Косово и Србија постигнале договор за деескалација на ситуацијата во северниот дел на Косово, каде што од 20 септември локалните Срби ги држеа блокирани патиштата кон граничните премини „Јариње“ и „Брњак“ поради одлуката на Владата на Косово за воведување реципроцитет на регистарските таблички од Србија.
Лајчак објави и документ со текст на договорот, кој предвидува в сабота, 2 октомври, Специјалните единици на косовската полиција да бидат отстранети од граничните премини „Јариње“ и „Брњак“, додека истовремено ќе бидат отстранети и барикадите.
Во понеделник, 4 октомври, ќе започне примената на „режимот на налепници“, кој беше договорен во рамките на дијалогот преку ЕУ, како актуелна мерка додека не се договори трајно решение.
Исто така е договорено да се формира работна група која ќе ја сочинуваат претставници на Приштина, Белград и ЕУ, која ќе работи на пронаоѓање на трајно решение за регистарските таблички, кое ќе биде засновано на европските стандарди. Првиот состанок на работната група ќе биде одржан на 21 октомври во Брисел.
Работната група за шест месеци од првиот состанок ќе го претстави трајното решение на состанокот на највисоко политичко ниво во Брисел, меѓу Косово и Србија.
Прашањето за табличките ги зголеми тензиите меѓу Косово и Србија. Србија во текот на викендот изврши и воени маневри во близина на границата со Косово, a и воените авиони ја прелетаа граничната зона. Меѓународната заедница повика на спуштање на тензиите и постигнување на договори.