Zülfiya Yakup
08 Февруари 2016•Ажурирај: 09 Февруари 2016
ПРИШТИНА (АА) - Претставниците на владите на Косово и Македонија денеска потпишаа договори за преминување на границата со биометриски лични карти и отворање на нов граничен премин Белановце - Станчиќ. Договорите во Приштина ги потпишаа првиот потпретседател на владата и министер за надворешни работи на Република Косово, Хашим Тачи и министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски, јавува Anadolu Agency (АА).
Тачи и Попоски на заедничката прес-конференција по потпишувањето на договорот, рекоа дека сега останува работните групи да ги финализираат деталите за што побрзо стапување на договорите во сила.
Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски, истакна дека односите меѓу Македонија и Косово традиционално се отворени и пријателски и дека очекува денешните потпишани договори да се проследат со уште поинтензивна соработка преку проекти од разни области.
„Наш стратешки интерес е да имаме стабилни и просперитетни соседски односи со Косово и тоа е причината што денес имаме два договори”, рече Попоски.
Првиот заменик-премиер на Косово, Хашим Тачи, потпишаните договори ги оцени за многу важни, бидејќи од нив ќе имаат корист граѓаните и бизнисмените од двете земји. Тој истакна дека Македонија е важен партнер на Косово, како во областа на економијата така и во политиката.
„Косово и Македонија имаат заеднички евро-атлантски вредности и интереси, затоа ќе бидеме партнери во нашите напори за влез во клучните западни организации и механизми. Ние работиме на заживување на инфраструктурните проекти, како и во областа на енергетиката за што разговаравме во рамките на Берлинскиот процес”, рече Тачи.
Тој рече дека со изградбата на автопатот Приштина - Скопје двете земји уште подобро ќе се поврзат.