Dzihat Aliju
18 Октомври 2021•Ажурирај: 19 Октомври 2021
СКОПЈЕ
Согласно обработените 100 отсто податоци од Државната изборна комисија (ДИК) до 11:30 часот, триесет и две општини добија градоначалници во првиот круг од локалните избори што се одржаа вчера во Северна Македонија, додека во над половина од општините ќе се оди во втор круг на 31 октомври, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според последните податоци на ДИК, во првиот круг од локалните избори се избрани градоначалници во општините Берово, Богданци, Босилово, Бутел, Валандово, Велес, Виница, Гази Баба, Градско, Делчево, Дојран, Зрновци, Илинден, Јегуновце, Кавадарци, Карбинци, Крива Паланка, Кривогаштани, Крушево, Липково, Могила, Неготино, Новаци, Петровец, Пласница, Прилеп, Сарај, Свети Николе, Сопиште, Струмица, Центар Жупа и Штип.
Додека продолжува процесот на броење на гласовите во другите општини во земјата, вклучувајќи го и Град Скопје, различни партии и кандидати ќе одат во втор круг што се очекува да се одржи на 31 октомври.
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) во првиот круг доби 9 градоначалници, ВМРО-ДПМНЕ 19, Демократската унија за интеграција (ДУИ) 3 и Демократската партија на Турците (ТДП) доби еден градоначалник.
СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во вториот круг ќе се натпреваруваат во повеќе од 20 општини, додека за Град Скопје во вториот круг се очекува да одат кандидатот на СДСМ и актуелен градоначалник, Петре Шилегов, и кандидатката на група избирачи, Данела Арсовска.
Инаку, првиот круг од седмите локални избори во Северна Македонија се одржа во 80 општини и во Град Скопје, а вториот круг е закажан по две недели, односно на 31 октомври.
На овие избори учествуваа вкупно 299 кандидати за градоначалници и 572 листи со вкупно 10.532 кандидати за членови на општинските совети, со мандат од четири години.
Според податоците на ДИК, врз основа на обработените 94,86% отсто од податоците за излезноста во овој круг, 48,99 отсто, односно 848.104 гласачи го искористиле своето право на глас во првиот круг.
Во меѓувреме, процентот од излезноста на гласачите на целата територија на Северна Македонија, како и во одделните општини, може да се следи на веб-страницата на ДИК:
https://rezultati.sec.mk/mk/mayr/t2.