Besar Ademi
20 Јануари 2017•Ажурирај: 21 Јануари 2017
СКОПЈЕ (АА) - Министерството за надворешни работи на Република Македонија по дипломатски пат побара итна корекција на именувањето на Република Македонија од страна на државните органи во Република Србија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што соопшти Министерство за надворешни работи, реакцијата следува откако на фискалните сметки на Српски патарини на автопатот што ги поврзува двете земји, Република Македонија беше именувана како БЈРМ.
Во соопштението се вели дека користењето на референцата и кратенката од референцата наместо уставното име на Република Македонија e во спротивност со воспоставените дипломатски односи меѓу Република Македонија и Република Србија.
„Oваа недоследност треба веднаш да биде коригирана. Веруваме дека ваквата провокација што ги навредува чувствата на македонските граѓани не е одраз на добрососедство. Несоодветно и срамно е како соседи да се именуваме на навредлив начин“, се вели во соопштението.
Пред неколку дена, на социјалните мрежи беа објавени слики од фискални сметки на Српски патарини на автопатот што ги поврзува двете земји, каде што Македонија се именува со БЈРМ (Бившa Југословенскa Републикa Македонијa).