Furkan Abdula
14 Април 2023•Ажурирај: 15 Април 2023
СКОПЈЕ (АА) – Министерот за надворешни работи, ЕУ и соработка на Кралството Шпанија, Хосе Мануел Албарез Буено, оствари еднодневна посета на Северна Македонија, известува Анадолу.
Албарез во Скопје го пречека Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, со кој одржа тет-а-тет средба.
По средбата, Османи и Албарез го потпишаа билатералниот Меморандум за разбирање за развој на соработката во процесот на пристапување во ЕУ, по што следеше заедничка прес-конференција на двајцата министри.
Османи нагласи дека со Кралството Шпанија создаваат се поголемо партнерство и пријателство.
„Пред 8 месеци ја имавме историската посета на премиерот Педро Санчез, прва посета на шпански премиер од воспоставување на дипломатски односи. Денешнава посета на колегата Албарез исто така ќе влезе во современата дипломатска историја како прв билатерална посета на Министер за надворешни работи на Кралството Шпанија на земјава. Овој засилен политички дијалог претставува убав начин да влеземе во 2024 година, во која ќе ја одбележиме 30 годишнината од воспоставувањето на дипломатски односи помеѓу Северна Македонија и Шпанија“, нагласи Османи.
Тој истакна дека со Албарез цврсто се решени да дадат дополнителен импулс во приближувањето на двете земји, отворајќи го патот за натамошно збогатување на билатералната рамка, пред сѐ за искористување на потенцијалите за подлабока економска соработка.
Потсетувајќи дека Шпанија на 1. јули го презема претседавањето со Европската Унија од Шведска, Османи рече дека оваа посета доаѓа во исклучително важен момент за процесот на проширување на ЕУ и европското досие на Северна Македонија.
„Клучен период за нас, кога според планот, завршува скрининг-процесот и земјава треба да влезе во новата фаза на преговори, а тоа е отворањето на кластерите и поглавјата. За таа цел денес потпишавме и меморандум за разбирање меѓу Северна Македонија и Шпанија за развој на соработката во процесот на пристапување на земјата во Европската Унија. Шпанија е наш пријател, силен поддржувач на нашите европски интеграции и ја очекувам нивната поддршка и во иднина, и тоа и во билатерална смисла и како претседавач на Унијата“, додаде Османи.
Шпанскиот министер Албарез нагласи дека со Османи разговарале за тоа како Шпанија сака да го интегрира Балканот во Европската Унија и да напредуваат на тој пат.
Албарез истакна дека се наоѓа на една турнеја низ Западен Балкан и сака да го пренесе обновениот интерес на Шпанија и нејзината поддршка во процес на пристапување на Северна Македонија кон ЕУ.
„Сакаме да ја зајакнеме нашата соработка. Отворањето на преговорите минатата година во јули е еден голем чекор и Шпанија ја поддржува евро-атлантската ориентација на Западен Балкан, како и политика на Европската Унија за прогресивна интеграција. Претседавањето на Шпанија со Европската Унија се совпаѓа со претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ. Сигурно ќе има синергии меѓу нашите претседавања и дека ќе можеме да работиме заедно за аспекти кои се многу важни во овие толку сложени времиња за Европа“, рече Албарез.
Шефот на шпанската дипломатија се осврна и на руско-украинската војна, и додаде: „Неправедната, брутална и нелегална инвазија на Украина влијае врз билатералните и мултилатералните односи. Тоа е прашање што исто така го разгледавме со министерот Османи и му пренесов на министерот Османи дека Шпанија го поддржува украинскиот народ и Украина и нивната борба за слобода и територијален интегритет колку што ќе биде потребно.“
Според него, членството на Северна Македонија во НАТО и нејзиното учество на активностите на НАТО ги зајакнува односите меѓу двете земји.
Албарез нагласи дека неговата земја има намера да одржи и една министерска конференција на Балканот.