Andelija Stojkovic
14 Април 2023•Ажурирај: 16 Април 2023
БЕЛГРАД (АА) - Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и Милорад Додик, претседателот на ентитетот Република Српска во Босна и Херцеговина, денес разговараа во Белград за инфраструктурните проекти на кои заедно работат и за положбата на РС, известува Анадолу.
Додик на конференцијата за новинари изјави дека се работи на деградирање на дејтонската положба на РС и дека се размислува за самостојност или отцепување на тој ентитет, додека Вучиќ рече дека Србија го смета Дејтонскиот мировен договор како суштински за функционирањето на Босна и Херцеговина.
Додик рече дека Вучиќ го запознал со внатрешните проблеми во БиХ и постојаните барања за укинување на уставната дејтонска позиција на РС и дека сега се поставува прашањето за имотот.
„Ситуацијата е целосно оптоварена со постојани барања за укинување на уставниот Дејтонски договор на Република Српска и дека тоа кулминирало во едно игнорантно, цинично и безобразно барање имотот да се постави како проблем на ниво на Босна и Херцеговина“, рече Додик.

Тој рече дека со блокадата во врска со имотот, доведени се во прашање концесиите и носењето нови инвеститори.
„Ние во Република Српска сметаме дека ангажманот на еден дел од Западот и политичко Сараево води кон тоа да се деградира уште повеќе поредокот на Република Српска и дека сме дојдени до моментот во кој не можеме тоа прашање повеќе да го одлагаме и нашата одбрана е да донесеме одлука за самостојност, за отцепување на Република Српска“, истакна Додик.
Вучиќ рече дека Додик го запознал со своите гледишта на состојбата и односите, како во БиХ, така и во односот кон РС и борбата и обидите РС да ги сочува своите права и обврски од Дејтонскиот договор.
„Во име на Србија реков дека ние сметаме дека Дејтонскиот мировен договор е суштината на функционирањето на Босна и Херцеговина и Република Српска и дека секогаш ќе го поддржуваме она што е договор на сите три конструктивни народи, почитувајќи го Дејтонскиот договор“, рече Вучиќ.
Вучиќ и Додик информираа дека во следните две недели ќе се одржи заедничка седница на Владата на Србија и Владата на РС на чиј дневен ред ќе биде изградбата на два меморијални центри посветени на жртвите на логорот Јасеновац од Втората светска војна, еден во Долна Градина и еден во Белград.
Вучиќ најави дека Србија ќе ја продолжи помошта за Гламоч, Дрвар, Петровац и Грахово, но и дека помошта ќе биде овозможена и за Соколац, Рудо, Вишеград, Невесиње и Билеќе.
Додик рече дека денес разговарале и за проектите за изградба на аеродром во Требиње, хидроелектраната Бук - Бијела и патот Рача - Бијелина.
Вучиќ, одговарајќи на прашањата на новинарите, повтори дека Србија нема да ѝ продава оружје на Русија, ниту на Украина, сѐ додека трае војната меѓу овие две земји.