Bekim Buci
07 Октомври 2024•Ажурирај: 08 Октомври 2024
СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, му беше домаќин на својот колега од Србија, Милош Вучевиќ, на денешната средба на која двете земји потпишаа Меморандум за соработка во областа на енергетиката, рударството и минералните суровини, јавува Анадолу.
Премиерот Мицкоски на прес-конференцијата рече дека денес во Скопје имал значајна и искрена средба со премиерот на Република Србија, Вучевиќ. Тој истакна дека средбата била повеќе од формална, и израз на заедничката желба за подобра иднина и зајакнување на врските меѓу двете земји.
„Разговаравме за начините за продлабочување на економската соработка, како да ги поврземе нашите луѓе и како да создадеме можности за идните генерации. Особено се фокусиравме на културната соработка и образованието. Се согласивме дека инвестирањето во младите е инвестирање во иднината. Кога нашите млади ќе се поврзат уште повеќе, ќе учиме едни од други и ќе креираме заеднички проекти, тогаш ќе бидеме сигурни дека регионот ќе оди напред“, рече Мицкоски додавајќи:
„Разговаравме и за предизвиците со кои се соочува регионот. Во овие проблематични времиња од суштинско значење е да застанеме заедно, да бидеме гласот на разумот и да работиме кон стабилност и безбедност за целиот регион. Ја истакнавме важноста на дијалогот како единствен начин за решавање на споровите и недоразбирањата“, рече Мицкоски.

- „Регионалната врска останува приоритет за двете земји“ -
Во однос на европските аспирации, Мицкоски рече дека ја потврдиле заедничката визија дека иднината на регионот е Европската Унија.
„Знаеме дека патот дотаму не е лесен, но веруваме дека со заеднички напори и поддршка можеме да ги исполниме критериумите и да ги донесеме придобивките од европската интеграција за граѓаните од регионот. Можам да кажам и дека разговаравме за енергетско поврзување на двете земји. Посебно ја истакнавме важноста на изградбата на гасниот интерконектор што ги поврзува или ќе ги поврзува двете земји во иднина“, изјави Мицкоски.
Тој подвлече дека се разговарало и за изградбата на брзата пруга, која е дел од Коридорот 10, што е стратегиски приоритет на Владата на Северна Македонија, исто како и Коридорот 8. Мицкоски истакна дека изградбата на Коридорот 10 е заеднички приоритет на јужниот и северниот сосед.
„Значи можам да кажам дека регионалното поврзување останува приоритет за двете земји и тоа регионално поврзување да биде дел од идното поврзување и интегрирање на регионот во рамките на Европската Унија“, рече Мицкоски.
Премиерот на Северна Македонија рече дека на средбата со српскиот колега била отворена темата за одржување заеднички владини седници. Мицкоски нагласи дека односите меѓу двете земји се на исклучително високо ниво и во наредниот период треба да се продлабочат.