Ekip
20 Август 2018•Ажурирај: 21 Август 2018
СКОПЈЕ/ТИРАНА/ПРИШТИНА (АА) - Како што се приближува големиот муслимански празник Курбан бајрам, така повеќе се интензивираат подготовките на припадниците од оваа вероисповед за одбележување на овој значаен празник, јавува Anadolu Agency (AA).
За празникот Курбан бајрам, како и изминатите години, така и оваа година, Исламската верска заедница (ИВЗ) во Република Македонија собира, коле курбани и дели курбанско месо.
Од ИВЗ велат дека сумата којашто еден верник треба да ја плати за еден курбан изнесува 120 евра, чие месо може да се земе или да се подари на ИВЗ, со што оваа институција ги одржува своите образовни установи, петте медреси и Факултетот за исламски науки во Скопје.
Како што соопштија од ИВЗ, секоја година им останува месо повеќе од потребното, па затоа на третиот ден на Курбан бајрам, останатото месо им го доделуваат на оние што имаат потреба од помош, преку соработка со граѓанските организации и советите на џамиите.
Традиционално, во Скопје веќе е отворен импровизираниот пазар за добиток, кој го посетуваат оние што сакаат да колат курбан во чест на овој голем муслимански празник.
Трговците се жалат дека оваа година заинтересираноста е мала, можеби и поради цените на курбаните коишто се повисоки од цената којшто ја нудат другите продавачи преку бројни исламски организации.
Поточно, цената на стоката на сточниот пазар во Скопје е 120-150 евра за овци, 230-250 евра за овен, додека цените на поголемиот добиток се движат помеѓу 550, 600 и 650 евра.
Во Албанија започнаа подготовките за Курбан бајрам. „Новиот пазар“ во главниот град на Албанија, Тирана, во пресрет на празникот е најмногу посетуван од граѓаните кои купуваат различни производи, додека пазарите во другите градови очекуваат верниците да ги посетат во поголем број за разлика од другите денови.

На пазарите во земјата граѓаните се снабдуваат со прехранбени производи, како и со овошје, зеленчук и слатки за да се подготват за овој празник.
Верниците се подготвуваат и за колење курбан за што неколку денови се вршат подготовки за купување курбан. Цената за курбан оваа година е 140 евра за мали курбани.
Низ земјата се вршат подготовки и во џамиите за клањање на бајрам намаз.
Исто така, оваа година различни институции и организации од земјата и од Турција ќе поделат курбанско месо за илјадници лица кои имаат потреба.
Турската фондација „Дијанет“ (ТДВ) и турската Црвена полумесечина во Албанија ќе поделат курбани за илјадници лица кои имаат потреба.
Муслиманските верници од Косово и оваа година за курбан можат да уплатат во Исламската заедница на Косово, која на празникот Курбан бајрам ќе го подели месото претежно на сиромашните семејства.
Секретарот на Исламската заедница на Косово, Ресул Реџепи, вели дека Исламската заедница сега веќе има добра традиција на организирање и реализирање на акцијата за колење курбан.
„Ние се трудиме и оваа година да има повеќе од 1000 грла крупна стока, крави, што е повеќе од 7.000 порачки за колење курбан“ вели Реџепи. Тој наведува дека купувањето и колењето курбан ќе го изврши компанија од Унгарија, која е одредена преку тендерот што Исламската заедница го објавила во мај месец оваа година, а сумата за уплата за курбанот изнесува 120 евра. Верниците можат и самостојно на сточните пазари да купат и потоа да колат курбани, претежно овци, крави или кози.
Карактеристично за овој празник е принесувањето жртва – курбан, која има симболика на приближување кон Бога. Тоа го изведуваат сите што имаат можност. Оние што принеле жртва, потоа раздаваат од месото на сиромашните, соседите и роднините. На овој ден се крунисува аџилакот на аџиите кои отишле да ја извршат петтата верска обврска (должност) на секој муслиман – аџилакот.
Првиот ден од празникот Курбан бајрам е во вторник, 21 август.