Dzihat Aliju
20 Август 2018•Ажурирај: 21 Август 2018
СКОПЈЕ (АА) - Турската Агенција за соработка и координација (ТИКА) ќе ги реставрира објектите на образовната установа и студентските домови на Иса-беговата медреса во Скопје, јавува Anadolu Agency (AA).
Координаторот на ТИКА во Скопје, Ајтекин Ајден, на прес-конференција, потсети дека оваа медреса одбележува 34-годишнина од основањето.
Ајден рече дека Исламската верска заедница (ИВЗ) на Македонија поднесла барање до нив за реконструкција и опремување на објектот на студентскиот дом на медресата. Според него, по направените испитувања е забележано дека објектите на студентскиот дом и образовната установа на медресата биле сериозно оштетени.
Ајден нагласи дека претставниците на медресата ги информирале оти е забележан пад во прифаќањето на ученици, и пад на образовниот квалитет поради оштетувањата и проблемите со хигиената.
„Со прифаќање на проектот од страна на нашето претседателство, во јули го реализиравме тендерот за реконструкција и ги започнавме нашите работи. Наш приритет беше реконструкција на просториите кои се за заедничка употреба поради тоа што се наближува почетокот на академската година. Истовремено се започнати и другите реконструктивни работи во објектот на студентскиот дом. Сакаме во најкраток можен рок да ги завршиме работите за реконструкција, и во таа насока ги направивме нашите планови“, додаде тој.
„По завршувањето на реконструкцијата“, рече Ајден, „ќе го опремуваат студентскиот дом“. „Ние како претседателство ги задоволуваме сите потреби од кревети, ормари, како и сета опрема. Ќе го обновиме и кујнскиот прибор. Во студентскиот дом недостасуваа излези за итни случаи, и скали во случај на пожар, и тоа ќе го реализираме. Проектот ќе го завршиме со реализирање на реконструкција на надворешниот дел на студентскиот дом“, нагласи Ајден.
Ајден истакна дека имаат за цел да обезбедат помодерни и похигиенски простории, и дека оваа реконструкција е од голема важност за медресата, која во наредната година одбележува 35 години од своето основање.
„Оваа медреса повторно го доби идентитетот од минатите години, како една убава образовна институција“, рече Ајден, додавајќи дека овој проект со вредност од околу еден милион евра ќе го завршат во рок од 5 месеци.