Abdula Berisha
03 Март 2020•Ажурирај: 04 Март 2020
СКОПЈЕ (АА) - Мисијата на ОБСЕ-ОДИХР, преку прес-конференцијата одржана денеска, го најави почетокот на набљудување на изборниот процес во Република Северна Македонија за предвремените парламентарни избори закажани за 12 април, јавува Агенција Анадолија (AA).
Заблагодарувајќи им се на институциите кои испратија покана за набљудување на изборите, шефицата на мисијата, Тана де Зулуета, информира дека ова е 19. пат откако организацијата распоредува мисија за набљудување на изборите во Северна Македонија.
„Како што знаете, нашиот мандат ќе биде едноставно да го оцениме спроведувањето на овие избори и да процениме дали тие се во согласност со заложбите на ОБСЕ, со меѓународните стандарди на кои земјата е членка и со националното законодавство“, рече Де Зулуета.
Таа истакна дека набљудувачите ќе ја следат секоја фаза од изборите, вклучително предизборната кампања, денот на изборите и кусиот период веднаш по изборите, кога се утврдени роковите за жалби. Дел од мониторингот, како што истакна Де Зулета, ќе бидат и медиумите и социјалните мрежи.
Шефицата на мисијата ОБСЕ-ОДИХР исто така најави одржување на состаноци со сите страни, вклучувајќи ги политичките партии, невладините организации и институциите одговорни за спроведување на изборите.
„На денот на изборите, се разбира и пред денот на изборите, ќе ни се придружат краткорочни набљудувачи. ОБСЕ ги покани државите учеснички да испратат 250 краткорочни набљудувачи. Тие ќе бидат распоредени низ целата земја“, рече Де Зулуета.
Таа исто така рече дека еден ден по изборите ќе бидат објавени прелиминарните резултати, а два месеци по изборите ќе биде обелоденет финалниот извештај за изборите, кој ќе ги содржи и препораките на ОБСЕ.
Потсетуваме дека на 16 февруари, Собранието на Република Северна Македонија ја донесе одлуката за самораспуштање во пресрет на најавените предвремени парламентарни избори закажани за 12 април.
Предвремените парламентарни избори дојдоа како резултат на тоа што на Самитот во Брисел во октомври минатата година, поради противењето на Франција, Европскиот совет не донесе одлука за одредување датум на Северна Македонија за почнување преговори за членство во Европската Унија.