Bekim Laci
01 Октомври 2018•Ажурирај: 02 Октомври 2018
СКОПЈЕ (АА) - „Иако законската рамка не ги покрива доволно сите аспекти на процесот, референдумот на 30 септември во Македонија беше спроведен на непристрасен начин, почитувајќи ги основните слободи“, беше наведено во прелиминарниот извештај на набљудувачите на ОБСЕ-ОДИХР и Парламентарното собрание на Советот на Европа на прес-конференцијата на која беа соопштени наодите на нивните набљудувачи, јавува Anadolu Agency (AA).
Шефот на мисијата на ОДИХР, Јен Петерсен, истакна дека основните слободи за собири и изразување биле испочитувани за време на целиот процес, и додаде дека покрај недостаток на кампањата „против“, медиумите информирале на опсежен начин нудејќи широк спектар на мислења.
„Кампањата за референдумот беше мирна и генерално активна низ целата земја, и слободата на изразување и собири беше почитувана“, рече Петерсен.
Шефот на мисијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа, Штефан Шенах, упати апел за почитување на волјата на над 600 илјади граѓани што излегоа на гласање.
„Треба да го почитуваме тоа што голем број граѓани вчера не гласаа, од различни причини, но не треба да заборавиме дека над половина милион жители од оваа земја го искористија своето право и гласаа“, нагласи тој.
Шенак ја изрази својата загриженост која, како што рече, останува актуелна во секој изборен циклус, а тоа е довербата во избирачкиот список.
„Почувствував дека постои одредена недоверба во однос на избирачкиот список, сега имаме доволно време, па се надеваме дека администрацијата и владата ќе го искористат тоа време за да го прочистат и да работат на избирачкиот список. Мислам дека ова е многу важно, чим луѓето говорат со нашите набљудувачи и ја изразуваат својата недоверба кон избирачкиот список“, истакна Шенак, додавајќи дека верува оти наредните избори ова нема да биде тема на дискусија.
На прес-конференцијата беше дискутирано и за можноста за поголема вклученост на дијаспората во изборите, преку поедноставување на процедурите за нејзино гласање.