Gordana Simovic
26 Февруари 2018•Ажурирај: 27 Февруари 2018
МОСТАР (АА) - Со положување венци и со воени почести пред Спомен-обележјето на ридот Матиќ над Мостар денес е одбележана 14-годишнината од загинувањето на македонскиот претседател Борис Трајковски, кој заедно со своите соработници и членовите на екипажот загина во авионска несреќа при пристигнувањето во Мостар на Меѓународната инвестициска конференција, јавува Anadolu Agency (AA).
Почит на трагично загинатиот македонски претседател му одадоа претставници на претседателот на Република Македонија, претставници од Владата на Република Македонија, Советот на министри на Босна и Херцеговина, Министерството за надворешни работи на БиХ, Министерството за одбрана, дипломатскиот кор на БиХ, претставници на Град Мостар, ЕУФОР и претставници од Здружението на Македонците во БиХ.
Министерот без ресор во Владата на Република Македонија, Зоран Шапуриќ, истакна дека Трајковски беше исклучително важна личност во регионот, кого сите го ценеа и на кого сите со задоволство се сеќаваат.
„Денес е можност да се потсетиме на ликот и делото на Борис Трајковски, кој се залагаше за евроатлантската интеграција на Република Македонија, и на целиот регион, како и за регионалната соработка. Денес, исто така, имаме можност да видиме колку регионалната соработка од тој период доби големо значење преку добрососедските односи со сите земји во регионот во однос на политичката, економската и културната атмосфера и залагањето за интензивна регионална соработка и интеграција на Република Македонија во НАТО“, рече Шапуриќ.

Советничката на Градската управа на Град Мостар, Радмила Комадина, нагласи дека градот Мостар, заедно со другите нивоа на власт, секоја година се сеќава на трагедијата која го потресе целиот регион со пригодно одбележување, оддавање почит и зачувување на споменот на македонскиот претседател, кој остави неизбришлива трага во поновата историја.
„Борис Трајковски беше човек од народот, човек кој го унапредуваше пријателството, регионалната соработка, евроатлантските интеграции и човек кој веруваше во подобро утре. Таквите дела и таквата политика којашто ја водеше, навистина не треба да се заборави“, порача Комадина, наведувајќи дека Град Мостар трајно ќе го чува споменот на претседателот Трајковски.
Македонскиот претседател Борис Трајковски заедно со осумчлена делегација, која патуваше на Меѓународна конференција во Мостар, загинаа во авионска несреќа на 26 февруари 2004 година.