Edıta Zekjırovıkj
19 Јуни 2022•Ажурирај: 20 Јуни 2022
СКОПЈЕ (АА) - Опозициската политичка партија ВМРО-ДПМНЕ одржа антивладин протест во Скопје пред Владата на Северна Македонија, повикувајќи на одржување предвремени парламентарни избори, јавува Агенција Анадолија (АА).
На опозицискиот протест одржан под слоганот „Протест за промени" присуствуваа илјадници граѓани од Скопје и другите градови од земјата. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, упати критики за работењето на Владата и порача дека доколку нема договор за предвремени избори ова лето ќе преминат во фаза на целосна блокада.
„Таа целосна блокада ќе биде во Парламентот, но и блокада на институциите, блокада на патиштата, протести низ градовите, блокада на процедурите и системот во распаѓање“, изјави Мицкоски.
Тој го повика народот на обединување во заедничката борба за промени.

„Овие избори да не бидат избори за власт, туку да бидат избори со кои ќе обезбедиме иднина и да бидат избори коишто ќе бидат референдум за Македонија. Да дојде нова генерација способни луѓе кои ќе направат нов пресврт, нова страница и нова епоха за Македонија. Да обезбедиме повеќе работа, повеќе пари и сигурност за сите семејства. Да одиме напред во културата, образованието, претприемништвото. Македонија да ни биде на сите на прво место без разлика на етничка припадност“, изјави Мицкоски.
Одлуката за протестот ја донесе Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, упатувајќи критики до власта за како што велат „лошото справување со економската и финансиската криза и порастот на цените, како и висок процент на инфлација, зголемување на јавниот долг, неефикасна и неодговорна дипломатија за формален почеток на пристапните преговори со ЕУ“.

Од друга страна, лидерот на владејачкиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ), Димитар Ковачевски, за утре најави средба на коалициските партнери кои се дел од Парламентот и од Владата, на која рече дека меѓу другото „ќе се реафирмира ставот за одржување редовни избори во 2024 година заедно со претседателските избори“.