Husamedin Gina
08 Февруари 2021•Ажурирај: 09 Февруари 2021
СКОПЈЕ
Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи, истакна дека поддршката на Словачка за влезот на земјата во Европската Унија е јасна, недвосмислена и принципиелна, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерот за надворешни и европски работи на Република Словачка, Иван Корчок, денеска пристигна во работна посета на Северна Македонија.
Османи и Корчок се состанаа во Министерството за надворешни работи во Скопје, а по состанокот, одржаа заедничка прес-конференција.
Истакнувајќи дека започнувањето на балканската тура на словачкиот министер Иван Корчок од Скопје ја гледа како дополнителен сигнал за поддршка на земјата, Османи рече Владата на Словачка во континуитет прилично гласно ја нагласува поддршката за Северна Македонија.
„Поддршката од страна на Словачка е јасна, недвосмислена и принципиелна. Северна Македонија заслужи почеток на преговори, за што има и одлука донесена со консензус од страна на Советот на Европската унија во март минатата година“, нагласи министерот Османи.
Османи на денешната прес-конференција, исто така, нагласи дека Словачка донирала 4 најсовремени респираторни системи коишто претставуваат значајна поддршка на здравствените капацитети на земјата.
Османи, меѓу другото, информираше дека Владата го прифатила предлогот за отворање амбасада во Братислава, но не само како симболика, туку како суштински придонес и засилување на пријателството.
Словачкиот министер за надворешни работи, Корчок, ја истакна поддршката што неговата земја ја дава за почетокот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, изразувајќи надеж дека членките на ЕУ ќе постигнат консензус за време на португалското претседателство со ЕУ.
„Ја потврдив нашата поддршка за вашата намера да станете членка на Европската Унија бидејќи тоа е ваш избор, и апсолутно го поддржуваме тоа што слободно одлучивте да ја споделувате вашата иднина заедно со Европската Унија“, нагласи Корчок.
Корчок, истакнувајќи го задоволството за одлуката за отворање македонска Амбасада во Братислава, рече дека тоа ќе ги поттикне односите помеѓу двете земји, особено на економски план.
Покрај средбата во Министерството за надворешни работи, Корчок ќе се сретне и со претседателот на државата, Стево Пендаровски, и со премиерот Зоран Заев.
Посетата на словачкиот министер е во рамки на неговата турнеја по земјите од Западен Балкан и ангажманите на Словачка за обезбедување европска перспектива за регионот.